Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, неодамна, на 2 Август – Илинден, помилува 25 осудени лица, но и годинава тоа беше направено врз основа на законските одредби донесени уште во 1993 година. Новите законски решенија за помилување на осудените лица, иако беа предложени во декември минатата година, сè уште чекаат во фиоките на Министерството за правда за да се постигне согласност околу измените што треба да ги донесат. Во февруари беше одржана и јавна дебата за предложените решенија, но ниту таа не успеа да ги усогласи ставовите.
– Целта на новиот Закон за помилување е надминување на слабостите во примената на постојниот закон и воспоставување јасна, прецизна и транспарентна постапка. Со законот се уредуваат поимот и видовите на помилување, дејството на помилувањето, лицата овластени да поднесат молба, како и постапката и надлежностите на институциите. Клучна новина е ставот дека претседателот може да помилува исклучиво од изречена казна, а не и од кривично гонење (аболиција). Се предвидуваат кратки и јасни рокови за постапување на сите институции вклучени во процесот. Министерството за правда доставува извештај до претседателот без да дава конкретен предлог за помилување – соопшти Министерството за правда при објавувањето на предлог-законот пред девет месеци.
Според сознанијата, во Министерството за правда сè уште трае усогласувањето на коментарите по предложените измени, по што законското решение ќе биде доставено до Владата на натамошна постапка.
Февруарската јавна дебата на Правниот факултет во Скопје при УКИМ, на која учествуваше и претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, покажа дека најголемите дилеми се однесуваат на тоа дали само таа и нејзината Комисија за помилување треба да бидат исклучиво надлежни за донесување одлука за помилување на осудениците кои ќе го побараат тоа.
За разлика од сè уште важечкото решение, Министерството за правда во иднина би доставувало до шефот на државата само извештаи за лицата кои бараат помилување, без да даде конкретен предлог дали молбата за помилување на одредени затвореници треба да биде прифатена или не.
Сиљановска-Давкова, на тогашната дебата, кажа дека новопредвиденото законско решение ја става претседателската Комисија во улога на истражител.
– Мојата дилема се однесува на досегашната и на идната улога на Министерството за правда. Во досегашниот Закон, Министерството за правда има улога и пропишана постапка. Во случајот, добиваме предлог од Министерството за правда, а сега, ако добро го читам текстот, веќе нема да има таква обврска. Дали е тоа бегање од одговорност? Мислам дека е подобро да добиеме мислење и од Министерството за правда. Членовите на Комисијата не можат да имаат истражни надлежности, да се јавуваат по агенции, не оди тоа, тоа е упад. Концептот со Министерството за правда, со затворите е пологичен отколку со Комисијата – рече тогаш претседателката, додавајќи дека во досегашната работа редовно ги прифаќала одлуките на својата Комисија.
И другите експерти укажаа дека Комисијата за помилување во рамките на претседателскиот кабинет не може да се става во улога на истражител за одредени баратели на помилување.
Инаку, се дава целосна поддршка за новото решение според кое помилување може да се даде само по правосилна судска пресуда, односно да не може да се даде аболиција во текот на постапката.
Извор: zurnal.mk

