Започнаа официјалните подготовки за реализација на инвестицијата вредна 74 милиони евра за Клиничката болница во Тетово, соопшти коалицијата ВЛЕН, оценувајќи го проектот како најголем и најзначаен во историјата на оваа здравствена установа.
Од ВЛЕН велат дека инвестицијата претставува доказ за, како што наведуваат, конкретни резултати од нивното учество во Владата, а не само политички ветувања.
„Овој милионски проект не е само рекордна бројка, туку гаранција дека граѓаните на Тетово и регионот на Полошко ќе добијат поквалитетни, побезбедни и поефикасни здравствени услуги“, наведуваат од ВЛЕН.
Според нив, со реализацијата на проектот пациентите ќе имаат подобри услови за лекување, со што ќе се намали потребата за упатување на третмани надвор од државата.
Од коалицијата додаваат дека модернизацијата на Клиничката болница во Тетово е дел од нивната политика за стратешки инвестиции во институции кои директно влијаат врз квалитетот на животот на граѓаните.
„Според ВЛЕН, по години на застој и занемарување, болницата влегува во нова развојна фаза, а инвестициите треба да донесат трајни промени за пациентите и медицинскиот персонал.
„Болницата во Тетово се гради. За две години резултатите се гледаат, за 20 години имаше само ветувања“, порачаа од ВЛЕН.


