Според најновата анализа на Visual Capitalist, изработена врз основа на податоци од Меѓународната агенција за енергија (IEA), Македонија се наоѓа во долниот дел од листата на земји според годишните трошоци за енергија по жител.

Во 2025 година, просечниот жител на Македонија потрошил 451 американски долар годишно за електрична енергија, греење, гас и други енергенси за домаќинството (без трошоците за гориво за транспорт). Со оваа сума, земјата е рангирана под поголемиот дел од европските држави и значително под европскиот просек.
На самиот врв на листата е Шведска, каде годишните трошоци за енергија достигнуваат 1.926 долари по лице, пред Финска (1.786 долари) и Австрија (1.709 долари). Високо се рангирани и Данска, Германија и Швајцарија, каде комбинацијата од постудена клима, повисоки приходи и повисоки цени на енергенсите придонесува за значително поголеми сметки.
Во регионот, Македонија има повисоки трошоци од Албанија (247 долари) и Косово (294 долари), но е малку над Бугарија (444 долари). Србија бележи повисоки годишни трошоци од 587 долари, Хрватска637 долари, Словенија 812 долари, а Црна Гора 424 долари.
Авторите на анализата нагласуваат дека високите сметки за енергија не се резултат само на цените. На нив влијаат и климатските услови, големината на домовите, животниот стандард, потрошувачките навики, енергетската ефикасност на објектите, како и државните субвенции.
Истовремено, пониските трошоци во земјите во развој не треба автоматски да се толкуваат како поголема енергетска ефикасност. Тие често се последица на пониски приходи, помала потрошувачка, помали станбени површини, потопла клима или пониски цени на енергенсите.
Анализата опфаќа 66 земји, а Европа доминира на врвот на листата – дури 24 од првите 30 држави се европски, што уште еднаш ја потврдува специфичната структура на енергетските трошоци на континентот. Македонија, иако е европска земја, останува меѓу државите со релативно пониски годишни издатоци за енергија во домаќинствата.

