Двесте
пожари надвор од контрола горат ширум Канада, а нивниот чад ги прекри и
подрачјата на североистокот на Соединетите Американски Држави, каде што живеат
милиони луѓе. Според најновите податоци на канадските власти, од вкупно 893
активни пожари, дури 209 се надвор од контрола, пренесува агенцијата Франс
прес.
Иако
досегашниот тек на сезоната на пожари беше помирен отколку во рекордната 2023
година или минатата година, интензитетот на пожарите во текот на последната
седмица значително порасна. Од почетокот на годината изгореа речиси 2,8 милиони
хектари земјиште, покажуваат податоците на канадската влада. Уште минатиот
петок таа бројка изнесуваше 1,6 милиони хектари.
Посебно
тешка е ситуацијата во провинцијата Онтарио, која побара помош од сојузната
влада. Во тамошните пожари засега нема човечки жртви, но неколку изолирани
населби мораа да бидат евакуирани.
Чадот што се
шири од Канада драстично го влоши квалитетот на воздухот во Торонто,
најмногулудниот град во Канада, како и на истокот на Соединетите Американски
Држави, што предизвика загриженост во пресрет на финалето на Светското
првенство кое овој викенд се одржува во близина на Њујорк, пренесе Index.hr.
Според
податоците на швајцарската компанија IQAir, Чикаго, Детроит, Вашингтон и Њујорк
денес беа најзагадените градови во светот.
Трамп ѝ
се закани на Канада со царини
Американскиот
претседател Доналд Трамп ја обвини Канада дека е одговорна за чадот од шумските
пожари кој се шири во Соединетите Американски Држави и се закани дека трошоците
настанати поради таа штета ќе ги пресмета во царините што ги плаќа Канада.
„Канада ја
сметаме за одговорна затоа што не ги одржува на соодветен начин своите шуми и
растителен свет. Соединетите Американски Држави се непотребно преплавени со
валканиот, загаден и нездрав воздух, чиј квалитет е опасен и целосно
неприфатлив“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.
Трамп најави
и дека ќе разговара со канадскиот премиер Марк Карни, од кого планира да побара
објаснување за, како што наведе, „намерниот немар“ кој на Соединетите
Американски Држави им нанесе „непроценлива штета“. Својата закана дополнително
ја појасни на крајот од објавата:
„Трошокот за
ова загадување ќе мора да биде додаден на ЦАРИНИТЕ што Канада моментално ги
плаќа“, порача американскиот претседател.
Чад ги
прекри спомениците и улиците
Небото над
бројни градови на североистокот на САД е прекриено со густа сива магла која
значително ја намалува видливоста. Од Арлингтон во сојузната држава Вирџинија,
од каде што инаку има јасен поглед кон Вашингтон, денес едвај се наѕираат
Линколновиот меморијал и Вашингтоновиот споменик. Низ градот се шири необичен
мирис, а на сила е виолетово предупредување кое означува многу нездрав воздух.
Слична е
ситуацијата и во Њујорк, Бостон и Чикаго. Жителите пријавуваат дека во воздухот
чувствуваат вкус на чад, а градските власти издадоа предупредувања да се
избегнуваат активности на отворено бидејќи честичките од чадот се опасни по
здравјето.
Причина
се пожарите во Канада
Извор на
густиот чад се големите шумски пожари кои беснеат во канадските провинции
Онтарио и Квебек, како и во американската сојузна држава Минесота. Додека чадот
постепено се повлекува од јужното Онтарио, каде што вчера во Торонто беше
речиси невозможно да се престојува на отворено, експертите предупредуваат на
промени во обрасците на избувнување на пожарите.
Пред само
неколку години, ваквиот чад во Онтарио беше ретка појава и главно ги погодуваше
градовите во западниот дел на Канада. Меѓутоа, експертите објаснуваат дека од
2015 година, под влијание на климатските промени, пожарите се проширија и на
источниот дел од земјата. Поради посувото тло кое полесно се запалува, дојде до
почести шумски пожари во провинциите Онтарио и Квебек.
Пожарите и
понатаму беснеат, а некои жители на северно Онтарио мораа да ги напуштат своите
домови. Водачката на една автохтона заедница изјави дека нивната населба е
„запалена до темел“, што потврдува дека последиците се чувствуваат далеку од
самите пожаришта.
Републиканците:
Американските бели дробови од година во година ги трпат последиците од
канадската пасивност
Четворица
републикански конгресмени од сојузната држава Мичиген ја обвинија Канада дека
не прави доволно во борбата против шумските пожари. Во заедничкото писмо
испратено до канадскиот премиер, тие оценија кое дека „континуираната
пасивност“ на Канада е неприфатлива.
Конгресмените
Џон Џејмс, Џон Муленар, Џек Бергман и Лиса Меклејн им порачаа на канадските
функционери дека го губат трпението.
„Доста ни е
од изговори наместо конкретни потези“, наведоа во писмото.
Тие
предупредија дека Соединетите Американски Држави би можеле да размислат за
директно вклучување во прекуграничната заштита и гасење на пожарите, доколку
Канада не преземе поодлучни чекори.
„Минатата
година ни беше кажано дека овој проблем ќе се решава по итна постапка. Тоа не
се случи“, наведоа конгресмените и додадоа дека „американските бели дробови од
година во година ги трпат последиците од канадската пасивност“.
Како клучни
проблеми ги истакнаа хроничниот недостиг на инвестиции во проретчување на
шумите, отстранување на запаливиот растителен свет и друг горлив материјал,
како и спроведување на контролирано палење.
Републиканците
сметаат дека ниту проблемот со недоволно строгото казнување за подметнување
пожари не е соодветно решен. Според податоците на канадскиот информативен
систем, до денес во Канада беа активни повеќе од 890 пожари, од кои повеќето се
надвор од контрола. Огнот зафати речиси три милиони хектари земјиште.
Премиерот
на Онтарио: Наместо да се жалите, испратете помош
Премиерот на
Онтарио, Даг Форд, одговори на критиките и им порача на американските
политичари дека, наместо поплаки, би требало да понудат помош.
Форд потсети
дека Канада претходните години им помагаше на Соединетите Американски Држави,
меѓу другото во гасењето на пожарите во Калифорнија и во санирањето на
последиците од ураганот во Северна Каролина.
„Наместо да
се жалите, можеби би требало да испратите поддршка и помош, бидејќи ние токму
тоа го правевме за нашите американски пријатели“, рече Форд пред новинарите.
Премиерот
застана во одбрана на реакцијата на својата провинција кон кризата предизвикана
од пожарите. Тој истакна чека на терен се наоѓаат повеќе од 150 противпожарни
екипи, додека во гасењето учествуваат повеќе од 80 противпожарни авиони и
хеликоптери.
„Ги
ангажиравме апсолутно сите ресурси со кои располагаме“, порача тој.
Карни:
Климатските промени се одговорност на сите, па и на САД
Канадскиот
премиер Марк Карни не ги коментираше директно обвинувањата за пасивност, но
нагласи дека двете земји сносат одговорност во борбата против климатските
промени.
„Климатските
промени се одговорност на сите, навистина на сите, вклучувајќи ги и Соединетите
Американски Држави“, рече тој на прес-конференција во Онтарио, обраќајќи се на
француски јазик.
Тој додаде
дека неговата влада е во постојана комуникација со провинциите и локалните
заедници.
Експертите
од двете земји претходно за BBC изјавија дека Канада веројатно не може да стори
многу повеќе за да го сузбие ширењето на пожарите и чадот.
Премиерот на
Онтарио, Даг Форд, ги отфрли критиките на сметка на управувањето со кризата и
истакна дека против огнената стихија се борат повеќе од 150 противпожарни
екипи.
„Ќе
потрошиме колку и да е потребно“, рече Форд.
Голема група
пожари на северозападот на Онтарио предизвика ширење на густ чад над Тандер Беј
и Торонто, додека помали концентрации на чад во повисоките слоеви на
атмосферата се надвиснаа над Големите Езера и Њујорк, заматувајќи го небото.
Извор: vecer.mk

