Европската Унија ја засилува поддршката за домашното производство на критични минерали, оценувајќи дека без нови рударски инвестиции нема да може да ги исполни целите на зелената и индустриската транзиција. Од Euromines предупредуваат дека зависноста од увоз претставува стратешки ризик за европската економија.
Македонија, иако располага со значајни резерви на бакар во Иловица, сè уште не го користи овој потенцијал. Проектот, вреден околу 350 милиони евра, има капацитет да придонесе за зголемен извоз, нови приходи за државниот буџет и локалните општини, како и отворање нови работни места. Од локалната иницијатива „И здравје и работа“ оценуваат дека ваквите проекти треба да се разгледуваат врз основа на законските процедури, стручните анализи и економските придобивки, во согласност со европските стандарди.
„Македонија има обврска да создава нови работни места, да отвора нови производствени капацитети и да ги користи сопствените природни ресурси на одговорен и законски начин. Во спротивно, ќе продолжиме да го гледаме истиот тренд – помалку работни места, помалку инвестиции, послаб економски раст и сè поголемо иселување на младите луѓе. Особено загрижува што во јавноста сè почесто најгласни се оние кои без соодветна стручност се претставуваат како експерти за сè – од рударство и геологија, преку економија, па сè до право и меѓународни судски постапки. Во едно демократско општество секој има право на мислење, но одлуките што ја одредуваат иднината на државата не смеат да се темелат на претпоставки, стравови или лични убедувања“, соопштија неодамна од иницијативата.
Повеќе експерти повикаа Македонија да се приклучи кон европскиот пристап за ископ на критичните минерали. Според европските познавачи пак, рударската индустрија е клучна за зелената транзиција.
„Европа не може да биде целосно независна во однос на металите и минералите, но е важно да имаме одржлив и отпорен синџир на снабдување, кој е во основата на зелената транзиција. Тоа е пред се поврзано со електроснабдувањето. Гледаме трговски војни и ограничувања за извоз на овие суровини, па затоа би кажал дека е исклучително важно да имаме одговорна рударска индустрија во Европа, како и отпорен синџир на снабдување, барем за дел од овие суровини“, вели претседателот на Euromines.
Мострјом додава дека постојат голем број на опасности и „ако немате сопствено производство и ништо што да предложите во замена, тогаш сте целосно зависни од оние кои ви ги доставуваат тие материјали“.
„Многу е опасно. Првото нешто што го гледаме во моментов како резултат на разговорите помеѓу САД и Кина е воведување на ограничувања за извоз на овие суровини, што има влијание врз производителите во Европа. Тоа е опасно и од гледна точка на зависноста, зашто би се обложил дека дел од земјите кои ги извезуваат овие суровини всушност не сакаат да ги извезуваат суровините, туку да извезуваат финални производи. На пример, Кина не сака да ги извезува ретките земни елементи, туку електрични возила. Тоа означува дека Кина ќе биде конкуренција на европската автомобилска индустрија. Затоа би оценил дека последиците можат да бидат огромни, како од финансиска и економска гледна точка, така и од гледна точка на одбраната. Голем дел од овие материјали се употребуваат во одбранбената индустрија. Ако Европа не располага со конкурентна одбранбена индустрија, ќе чекаме на увоз. Тоа исто така ќе биде сериозен проблем за сигурноста. Затоа, темата е исклучително важна“, вели Мострјом.
Тој заклучи дека фокусот треба да се постави, не на намалување на еколошките услови кон рударската индустрија, туку кон поефикасни процедури за дозволи кои би привлекувале инвестиции за ископ, но и повеќе геолошки истражувања.

