Големиот шумски пожар кој во вчера попладне избувна во познатата шума Фонтенбло, на околу 60 километри југоисточно од Париз, и понатаму се шири, а француските власти мобилизираа стотици противпожарни сили, авиони и хеликоптери за да ја запрат огнената стихија. Поради пожарот евакуирани се околу 900 луѓе, делумно е затворен еден од најважните француски автопатишта, а во прекин е и железничкиот сообраќај, пренесува „Гардијан“.

Пожарот зафати повеќе од 800 хектари од шумата Фонтенбло, едно од најпознатите природни подрачја во Франција, кое некогаш служело како кралско ловиште, а денес е популарно излетничко место опкружено со бројни села. Огнениот фронт брзо се прошири поради високите температури и ветерот, што дополнително го отежна гаснењето. На терен се распоредени околу 500 пожарникари, со помош на авиони за гаснење пожари, хеликоптери и извидувачки авион. Во текот на ноќта воздушните сили мораа привремено да го прекинат дејствувањето поради мракот, но копнените екипи ја продолжија борбата за да ги заштитат околните населени места.
Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез денска го посети командниот центар за гаснење пожари во близина на пожарот и предупреди дека сезоната на пожари оваа година е веќе рекордна.
„Околу 32.000 хектари се изгорени и горат токму сега. Тоа е повеќе отколку во текот на целата сезона на пожари во 2025 година, иако е само 13 јули“, рече Нуњез, додавајќи дека експертите претходно предупредиле дека комбинацијата од екстремна топлина и ветер ќе создаде „запалив коктел“.
Извор: vecer.mk

