ЈКП „Комуналец“ – Прилеп во изминативе денови спроведува активности за реконструкција и уредување на станбениот комплекс во населбата „Димо Наредникот“, со цел подобрување на урбаниот изглед и условите за живеење.
Во рамки на активностите се врши реконструкција на езерата и фонтаната со гејзери, како и бојадисување на мостовите, оградите и клупите. Со интервенциите значително се обновува и визуелниот идентитет на просторот.
Дополнително, во план е и целосно уредување на спортското игралиште, со што ќе се подобрат условите за рекреација и спорт на жителите од оваа населба.
Како дел од пошироката акција за уредување на јавните површини, Локалната самоуправа најавува и комплетна обнова на детските игралишта во овој станбен комплекс.
Со овие активности се очекува значително разубавување на населбата и создавање на поквалитетни услови за секојдневен живот на граѓаните.

