Во рамки на стратешката заложба за поддршка на образованието и локалната заедница, рудникот за бакар Бучим ја поддржа реализацијата на младинскиот едукативен формат „Late Night ECO / Ecologically Speaking“. Овој проект е посветен на продлабочување на знаењата за екологијата, одржливоста и заштитата на животната средина меѓу младата популација.

Проектот се фокусира на едукација на ученици и студенти преку дигитални платформи и има за цел да отвори простор каде ученици, средношколци и студенти можат да поставуваат прашања, да разговараат со стручни лица и да продлабочуваат теми кои честопати остануваат недоволно застапени во формалното образование.
Во рамки на проектот се обработуваат прашања поврзани со климатските промени, управувањето со отпад, одржливото користење на природните ресурси, квалитетот на воздухот и водата, енергетската транзиција и секојдневните навики кои придонесуваат за поодговорно однесување кон околината. Фокусот е ставен на едноставно, разбирливо и младински блиско објаснување на комплексните еколошки теми, преку разговори, интервјуа, кратки видеа и едукативни формати.
„За Бучим, поддршката на вакви независни и едукативни проекти не е само прашање на спонзорство, туку стратешка инвестиција во млади, информирани и општествено активни генерации,“ истакна Кристина Крстева, директор за одржлив развој на рудникот Бучим. „Веруваме дека колку повеќе младите разбираат што значи одржливост, толку повеќе ќе можат критички да размислуваат, да поставуваат прашања и да придонесуваат кон подобри општествени и еколошки практики.“
Поддршката на „Late Night ECO / Ecologically Speaking“ е дел од поширокиот ESG пристап на Бучим, во рамки на кој компанијата спроведува и поддржува програми насочени кон:
образование и развој на кадри,
подигнување на свеста за животната средина,
зајакнување на локалната заедница преку вклучување на младите,
поттикнување на отворен и аргументиран дијалог за еколошките предизвици.
Со ова партнерство, Бучим уште еднаш ја потврдува својата посветеност да биде одговорен и вклучен чинител – не само како индустриски субјект, туку и како поддржувач на иницијативи што ја поттикнуваат еколошката свест, критичкото мислење и активната улога на младите во општеството.


