Борче Димитровски за умно.мк: „Зимска приказна“ како нов туристички бренд на Битола

February 1, 2026
4 mins read

Отсекогаш сум сакал производи кои нема само да го пополнат културниот и уметнички простор, туку ќе го надградат, вели Борче Димитровски, идеен креатор на „Зимска приказна“

Битола до пред некоја година не постоеше на мапата на градови со зимски фестивали и интересни случувања во најпразничниот период во годината. Пред три години скромната културна иницијатива наречена „Зимска приказна“ беше зародиш на наратив кој почна да го трансформира градот за новогодишноте празници. Проектот веќе не е „само“ новогодишен настан, туку полека станува основа за редефинирањето на културниот и економскиот пејзаж на градот за време на големите празници. Борче Димитровски, секретар во Општина Битола е главниот ум на овој фестивал кој расте со секое ново издание. Тој зборува за тоа како „Зимска приказна“ ја надмина својата улога на обичен панаѓур, за да стане катализатор и за локалната економија и поддршката на малите занаети и културните работници.

Борче Димитровски

 

– Во декември 2021 година, среде енергетска и постковид криза, се работеше за проценка – дали во очи на новата 2022 година на Битола ù се потребни културни активности, украсен град или некаков вид на кризен менаџмент кој целосно ќе ги исклучи тие активности. Со тим од Општината и надворешни соработници одлучивме дека не само што треба култура и уметност во нашиот град, туку треба сосема нов концепт и пристап. Новиот пристап требаше да донесе и „излез“ од претходната затвореност со која сите бевме соочени порди пандемијата, да понуди квалитетен културно-забавен живот, но и раздвижување на градот од повеќе аспекти. Така се роди „Зимска приказна“, комбинација на европските зимски базари збогатени со културни содржини една недела пред дочекот на новата година. Беше визија како Битола како град на културата да понуди уште повеќе не само на битолчани туку и на публиката од регионот како туристички производ.

Со какви предизвици се соочивте при организирањето на настан од ваков обем?

– Еден од предизвиците беше како со ограничени ресурси и време да се понуди производ на највисоко техничко и квалитативно ниво, за сите вкусови и возрасти, што иако можеби звучи како клише, многу е тешко да се постигне. Сепак, најголемиот предизвик беше публиката да го прифати овој концепт. Со ограничени ресурси и време, нашиот предизвик беше да приредиме висококвалитетен, разновиден настан. Со гордост можам да кажам дека со третото издание ја постигнавме оваа цел, „Зимска приказна“ да биде фестивал за луѓето.

Како „Зимска приказна“ придонесе за културниот пејсаж на Битола, особено ако се земе предвид спојот на музика, уметност и активности во заедницата?

– Отсекогаш сум сакал производи кои нема само да го пополнат културниот и уметнички простор, туку ќе го надградат. Така пристапив и пред повеќе години, кога го водев тимот на Центарот за култура во Битола со новите концепти на Фестивалот на монодрама, Илинденски денови и Фестивалот на музика од светот, 3Д киното, па немаше причина и овојпат пристапот да биде различен. Овој проект е елегантна надградба на културната, можеби повеќе на туристичка понуда на градот и во него се искористени сите предности кои ги има Битола – богатата локална културна сцена, заедницата, ракотворци, производители на органска храна, здруженија од различен тип, градинките, основните и средните училишта, целиот раскош и убавина на битолската архитектура, мистичноста на Старата битолска чаршија…

Ова е повеќедневен настан, што ја фузира музиката, уметноста и заедницата, искористувајќи ја богатата локална сцена на градот. Ова е настан што ја отсликува долгогодишната културна матрица на Битола и ја носи чекор понатаму. Оваа година би ја издвоил разиграноста, позитивната и убава енергија која беше присутна во битолската чаршија и мислам дека тоа беше полн погодок. Малку градови имаат уникатна чаршија како нашата и навистина е штета да не се искористи сиот нејзин потенцијал и притоа да се помогне на локалните бизниси кои работат таму со години.

Каква е улогата на локалната заедница во вакви комплексни проекти?

– Растот на „Зимска приказна“ е директен резултат на активното учество на локалната заедница. Со вклучување на различни општествени и економски субјекти, таа стана повеќе од културен настан – тоа е заедничка прослава. Во оваа насока дејствувавме од првиот момент, започнувајќи од предлогот на Локалниот економско-социјален совет каде сум активно вклучен да го внесеме концептот на „Зимска приказна“ во Програмата за туризам. Така креиравме нов концепт кој во себе има покрај културно-туристички и значајни социо-економски аспекти. Годинава вклученоста на пошироката заедница, a не само на културната сцена, донесе повисок квалитет, поголема посетеност на настаните и чувство на припадност на сите битолчани, што беше и највисоката цел. Повеќе од 108 програмски точки, и исто толку часови активна програма, над 2.000 учесници во истата се мал статистички приказ за големината на настанот.

Какво влијание имаше „Зимската приказна“ врз економијата на Битола во однос на туризмот и локалните бизниси?

– Економскиот ефект беше значителен, за што помогна и одличното време, посебно за месец декември. Дневно имаше неколку илјади поосетители. До израз дојде и туристичкиот потенцијал на „Зимска приказна“ и на Битола, а тоа го потврдуваат посетителите од другите градови од регионот, но и од соседните земји кои беа секојдневни гости во текот на овие девет дена.

Настанот прикажа разновиден спектар на проекти и изведби. Како ја конципиравте програмата? На што дадовте предност?

– Создавањето на програмата беше уште еден голем предизвик, кој требаше да овозможи содржини за сите генерации и вкусови. Бескрајно сум благодарен на сите учесници, но и на целиот тим кој ја дефинира програмата, ги даде клучните предлози за новиот концепциски пристап, техничкиот тим кој беспрекорно и посветено ги сработи сите настани, а круна на се’ беше дочекот на Новата година и светлечкото шоу на платото на Офицерскиот дом. Сево ова направи солидна основа „Зимска приказна“ да расте секоја година и во обем и содржински. Веќе размислуваме што ќе воведеме идната година. Секогаш може и подобро. Тоа е мотото на тимот зад „Зимска приказна“.

Што значи овој настан за Вас лично и каква порака сакате да им пренесете на граѓаните на Битола како човек кој долги години работи на полето на културата?

– Доволно е само да се погледнат видеата и фотографиите од првото до третото издание за да се види како еволуираше „Зимската приказна“. Започна со неверојатен ентузијазам и порасна за мошне кратко време. Трансформацијата на „Зимска приказна“ е доказ за нашата посветеност на подобрување и иновации. Како човек длабоко вклучен во проекти од културата повеќе од две децении, Битола ја гледам како светилник на културата и уметноста. Не само како фраза, туку како реалност обликувана од нашата освестена публика за настани од култура. Од тоа мое менаџерско и продукциско искуство и од врвните уметници кои биле гости во нашиот град – Ришар Галијано, Тереза Салгуеро, Наташа Атлас, а оваа година се потврди и со настапот на култните „Лајбах“, Битола може да има истакната позиција на европската културна мапа.

Мојот најголем предизвик е Битола да се етаблира на мапата на културни центри во европски рамки со настани кои ќе ги надминат локалните и регионалните рамки. Потенцијалот е тука, само треба да се насочи и искористи. Битола има публика која навистина знае соодветно да ја вреднува културната понуда и додека е тоа така, сите институции од културата можат и треба соодветно да одговорат во насока на збогатување на понудата и поголема промоција на градот.

Извор: umno.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

VERO JUMBO MACEDONIA

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

Привремената претседателка на Венецуела најави масовна амнестија

Следно

Одрон на патот што го поврзува граничниот премин Требиште – Џепиште, во областа Голо Брдо, со Македонија

Latest from Blog

Сообраќајот на патиштата по влажни коловози, на повисоките места со мали остатоци од кашест снег

Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот, соопшти

Хоџиќ: Земјата е во општествена криза, време е за демократска акција

Странката на демократска акција на Македонија (СДА Македонија) оцени дека државата се наоѓа во длабока општествена криза и порача дека е неопходна демократска мобилизација за враќање на европскиот курс на земјата. Овие

Македонското друштво “Илинден“-Тирана апелира за итна интервенција на патот што ја поврзува Албанија со Македонија на граничниот премин Требиште-Џепиште, во областа Голо Брдо

Македонско друштво “Илинден“–Тирана апелира до општина Булќиза и до Административна единица Требиште итно да се отстрани одронот на патот што го поврзува граничниот премин Требиште–Џепиште, во областа Голо Брдо, со Македонија. Блокадата

Одрон на патот што го поврзува граничниот премин Требиште – Џепиште, во областа Голо Брдо, со Македонија

Поради одрон на патот што ја поврзува областа Голо Брдо со граничниот премин Требиште – Џепиште кој ја поврзува Албанија со Македонија сообраќајот на оваа делница е отежнат. Овој пат е од
Go toTop