Анализа по отчетниот конгрес на СДСМ: „Армија на вредности“ или партија во распад?

January 25, 2026
5 mins read

Политичките аналитичари сметаат дека СДСМ тешко ќе закрепне од длабоката криза и не гледаат дека наскоро може да почне процесот на вистински реформи. На таков став е и Џенур Исени, кој вели дека и покрај обидите преку отчетниот конгрес и обраќањето на Филипче да се испрати порака за консолидација, не може да се забележи ниту суштински напредок ниту јасна визија за враќање на довербата кај граѓаните. Аналитичарот Благојче Атанасовски вели дека ова е внатепартиска Пирова победа на лидерот Венко Филипче. А Синиша Пекевски вели дека и на конгресот се покажало дека партијата дефинитивно ита кон бездна и дека на следните избори нема да освои повеќе од 50.000 гласа. Конгресот се одржа по историскиот дебакл на паријата по локалните избори на кој освои само 126 илјади гласа и по силните внатрепартиски тензии и јавни критики кон претседателот Венко Филипче од поранешни партиски функционери, за лошите резултати на изборите, како и по барањето за негова оставка, анализира весникот Вечер.

Може ли да се очекува консолидација на опозицискиот Социјалдемократски сојуз и негово враќање на политичката сцена по историскиот дебакл на локалните избори на кој освои само 126 илјади гласа, по отчетниот конгрес што се одржа во саботата? Претседателот Венко Филипче во својот говор упати критики кон власта и порача дека во СДСМ нема простор за внатрешни поделби, по силните внатрепартиски тензии и јавни критики кон него од поранешни партиски функционери, за лошите резултати на изборите и по барањето за негова оставка. Тој рече дека имало турбуленции и разочарување, но и дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ сака контролирана опозиција во Македонија, што успеало со формирањето на партијата ЗНАМ. ВМРО-ДПМНЕ, пак, оцени дека говорот бил „празен“, а дека „Филипче е штетен за Македонија и за нејзините интереси“.

Политичките аналитичари сметаат дека СДСМ тешко ќе закрепне од длабоката криза и не гледаат дека наскоро може да почне процесот на вистински реформи. На таков став е и Џенур Исени, кој вели дека и покрај обидите преку отчетниот конгрес и обраќањето на Филипче да се испрати порака за консолидација, не може да се забележи ниту суштински напредок ниту јасна визија за враќање на довербата кај граѓаните.

– Mислам дека СДСМ во моментов е далеку од својот поранешен сјај и од позицијата што ја имаше некогаш на политичката сцена. Клучниот проблем е што СДСМ го има промашено политичкиот наратив. Наместо современ и прогресивен пристап, партијата се враќа назад, со аргументација и реторика што му припаѓаат на минатото. Очигледно е дека се смета дека преку поларизација на општеството може да се постигне политички поен, што е погрешна и ризична стратегија. Дополнително, СДСМ очигледно ги изневери своите социјалдемократски вредности. Денес гледаме реторика против мигрантите, што е спротивно на инклузивниот и солидарен дух на социјалдемократијата. Истовремено, повторно се отвора прашањето за Изборниот законик, иако токму СДСМ, заедно со ДУИ, беше тој што ги направи последните измени – вели аналитичарот Исени за весникот ВЕЧЕР.

Тој додава дека сето тоа укажува дека партијата сè уште нема јасен концепт како да се реформира и да се врати како релевантен политички фактор.

– Без вистинска програмска и вредносна рефлексија, тешко е да се очекува реална консолидација или значајно враќање на политичката сцена во блиска иднина – вели Исени.

Аналитичарот Благојче Атанасовски,пак, смета дека ова е внатрепартиска Пирова победа на лидерот Венко Филипче.

– По најкатастрофалниот и епски пораз на СДСМ на минатогодишните локални избори, велев дека оваа партија треба највнимателно да ги избира новите партиски кадри и давав пример да се „пресликаат“ градоначалниците на Центар, на Крива Паланка и на Македонска Каменица, Горан Герасимовски, Сашо Митовски и Соња Стаменковска, односно таков профил на победнички кадар да биде вметнат во новото раководство. Напротив, се отиде со негативна селекција на новите кадри, кои се длабоко компромитирани и етикетирани во јавноста. Тоа ми дава за право да сметам дека СДСМ е далеку од консолидација и наметнување сериозна конкурентска партија на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и сметам дека партијата сè уште ќе се соочува со криза на идентитетот, легитимитетот и кредибилитетот, како кај своите членови така и кај македонскиот електорат – изјави Атанасовски за весникот ВЕЧЕР.

Синиша Пекевски, пак, вели дека моменталната состојба во СДСМ е резултат на лошото лидерство на Филипче.

– Партијата што има „демократска“ во своето име, со овој конгрес покажа дека треба да се замени тој збор со зборот „Венкоумие“. Досега не се случило секое различно и спротивно мислење од мислењето на лидерот да биде квалификувано како квинслишко и предавничко, а токму тоа се случува во претседателствувањето на Филипче – коментира Пекевски за весникот ВЕЧЕР.

Тој додава дека ни по конгресот нема да се случат позначајни партиски реформи.

– На овој конгрес – ништо ново и ништо значајно. Партијата дефинитивно ита кон бездна и на следните избори таа нема да освои повеќе од 50.000 гласа. Пораките што беа испратени се само фрази, вклучително и пораката за ветинг. Сè можеа да направат додека беа на власт, сега веќе никој за ништо не им верува. Граѓаните ги прочитаа. Баластот од модуларната болница и вакцините, како и сенката на Заев, дефинитивно стојат над таа партија и нејзиниот лидер, а со тоа и губењето каква било поддршка од јавноста. Мое очекување е во блиска иднина да има ново осипување на членовите во други партии или апатија на членовите – вели Пекевски за весникот ВЕЧЕР.

Претходно, поранешниот градоначалник на Скопје и член на СДСМ, Петре Шилегов, побара оставка од актуелното раководство на партијата поради катастрофалните резултати од работењето. Во директна конфронтација со раководството, преку социјалните медиуми, влезе и поранешниот функционер Јован Деспотовски. Во јавноста, сè погласни се шпекулациите дека се формира нова политичка партија. На конгресот, меѓу делегатите не беа ниту Шилегов ниту Деспотовски.

Во обраќањето, лидерот на СДСМ, Филипче, меѓу другото, рече дека портите на партијата се отворени за секој „чесен социјалдемократ, за секој работник, за секој интелектуалец што ѝ мисли добро на државата“.

– За да го победиме ова зло надвор, мора прво да бидеме челични внатре. Знам дека имавме турбуленции во минатото. Знам дека имаше разочарувања. Некои си заминаа, некои се вратија, а некои сè уште стојат на прагот и калкулираат. Сакам денес да бидам кристално јасен. Вратите на СДСМ се ширум отворени за секој чесен социјалдемократ, за секој работник, за секој интелектуалец што ѝ мисли добро на државата. Но, дозволете ми да испратам една порака до оние што мислат дека можат да седат на две столчиња. До оние што мислат дека можат да бидат во СДСМ, а да работат за интересите на власта или да формираат фракции, нови движења и сето тоа само за свои лични интереси. Тоа време заврши. Денес ставаме точка на разединувањето. СДСМ не е пазар за пазарење функции. СДСМ е армија на вредности. Кој сака да се бори рамо до рамо со нас – добредојден е вистински, искрено, братски. Но, кој планира да нè поткопува однатре, кој планира да биде тројански коњ на ВМРО или на некои други интересни групи, нека си замине веднаш. Немаме време за предавство. Немаме луксуз за суети. Или сме заедно во оваа битка за живот или смрт на демократијата или не сме ништо. Јас избирам да бидеме сè. Избирам борба, искрена, силна и чесна – подвлече Филипче пред присутните.

Тој ја критикуваше власта и за економските политики, но и за надворешната политика.

– Македонија е во дипломатска изолација. Европскиот пат е блокиран, а тие немаат план. Европа нè отпиша, а Америка не нè запишува. Наместо во периметарот на САД, со Мицкоски завршивме надвор од кружницата наречена Европа. Вакво дипломатско лудило и конфузија не се оправдува. Ова е предавство на националните интереси. Вакво предавство ќе паметат многу следни генерации – рече Филипче.

Се осврна и на актуелната тема со мигрантите.

– Се кројат планови, далеку од очите на јавноста, за прифаќање мигранти од Западна Европа. За 10.000 веќе се донесе закон под превезот на странски работници. Сакаат да ја претворат Македонија во карантин зона, во тампон-зона за туѓи проблеми, само за да добијат тапкање по рамо и кредит од 6 милијарди евра. Сакаат да ја продадат безбедноста на нашите домови и на нашите деца за ситни политички поени. Тоа е врвен чин на предавство на сопствениот народ. Нема да дозволиме Македонија да стане логор за туѓо геополитичко поткусурување додека децата ги пакуваат куферите да заминат од државата – рече Филипче во обраќањето на 31. конгрес. СДСМ, нагласи, никогаш не била и нема да биде контролирана опозиција.

Анализа на Вечер

Извор: kurir.mk

VERO JUMBO MACEDONIA

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

Се одбележува роденденот на нашата голема музичка ѕвезда Тоше Проески

Следно

Аталанта со “покер“ ја “поздрави“ Парма, Џенова ја доби Болоња!

Latest from Blog

Спектакл и шок за Арсенал: Солзи на “Емирејтс“, овој Јунајтед е некој друг, фантастичен Јунајтед!

ФОТО:facebook.com/manchesterunited/ Уф, каков спектакл на “Емирејтс“? Ова го може само во Премиерлигата. Супер – дербито меѓу Арсенал и Манчестер Јунајтед заврши со триумф на гостите од 2:3. Ете тоа е ефектот наречен

Oбилни дождови и високи температури: Какво време најавуваат од УХМР за следните денови?

Претежно облачно време ќе преовладува денеска низ земјава, со повремени локални врнежи од дожд, најизразени во северозападните и југоисточните делови. На повисоките планини врнежите повремено ќе бидат во форма на слаб снег.

Аталанта со “покер“ ја “поздрави“ Парма, Џенова ја доби Болоња!

ФОТО:facebook.com/atalantabc/ Аталанта славеше против Парма во Бергамо со резултат од 4:0. Избраниците на Џан Пјеро Гасперини ја оправдаа улогата на фаворити против „Млекарите“. Домашниот тим поведе во 15-тата минута кога Џанлука Скамака

Барселона ита кон рекордно остварување

Фото: Барселона Х Барселона на Ханси Флик е во серија без пораз на домашен терен во Ла Лига. Тимот има девет од девет. Тие се единствениот тим во главните европски лиги што
Go toTop