The Economist MeetUp: The World Ahead 2026 – Конференција што ја обележа годината

December 19, 2025
2 mins read

Со силни пораки, визионерски дискусии и присуство на најрелевантните носители на одлуки, годинашното издание на The Economist MeetUp: The World Ahead 2026 официјално се заокружи како најпрестижната бизнис и економска конференција одржана во земјава оваа година.

Настанот во Скопје обедини високи претставници на Владата, дипломатскиот кор, водечки бизнис лидери, финансиски и индустриски експерти, како и истакнати регионални гости, позиционирајќи го MeetUp-от како централна платформа за дијалог за иднината на економијата, технологијата и лидерството во регионот.

Конференцијата беше свечено отворена од министерката за финансии, м-р Гордана Димитриеска-Кочоска, која во своето обраќање ја нагласи улогата на вештачката интелигенција и дигитализацијата како клучни алатки за одржлив економски раст:

„Како држава која се соочува со недостиг на работна сила, вештачката интелигенција ќе биде една од најважните алатки за замена на одредени работни места и пополнување на празнините во системот. Наш предизвик е таа да се користи паметно, одговорно и во служба на луѓето и економијата.“

Панели и клучни дискусии

Првиот панел беше посветен на дигитализацијата, вештачката интелигенција, сајбер безбедноста и човечкиот капитал, отворајќи ја дебатата за тоа како технологијата веќе ја редефинира економијата и начинот на кој работат компаниите. Во дискусијата учествуваа Стевчо Ристески, директор за продажба на A1 Телеком, Бјанка Катру, заменик-извршен директор на М Кеш, Валентина Тасева, генерален директор и сопственичка на Семос Едукација, и Ведран Бајер, менаџер на Wonderful за Адриа регионот. Панелистите понудија различни, но комплементарни перспективи за иднината на бизнисот во дигиталната ера, како и за трансформацијата на пазарот на труд во услови на нови вештини и работни позиции креирани од вештачката интелигенција.

Вториот панел го стави фокусот на предизвиците на пазарот на труд: талент, технологија и организациска трансформација, при што беше истакнато дека довербата, организациската култура и континуираниот развој на вработените стануваат подеднакво важни како и технолошките инвестиции. На панелот говореа Владимир Стефановски, плант-менаџер на Kiel Македонија, Тони Јанковски, директор за развој и иновации во Diners Македонија, и Павле Зимбаковски, тренер за професионален развој.

Fire Talk сесии и интервјуа

Програмата беше дополнета со Fire Talk сесии со истакнати лидери од различни индустрии, меѓу кои Ивица Карапетров, заменик-управител на Рудник Бучим, д-р Катерина Бошевска, извршен директор на EOS Матрикс, Филомена Пљаковска Аспровска, извршен директор на Касис, и Иван Ивановски од Prime Capital. Разговорите беа фокусирани на лидерството, довербата, безбедноста и носењето одлуки во време на неизвесност, како и на дигитализацијата на финансискиот сектор, трендовите што ќе ја одбележат 2026 година и потребата од усогласување со европските регулативи и директиви.

Во завршниот дел од конференцијата следеа ексклузивни интервјуа со Драган Филиповиќ, извршен директор на Generali Осигурување Србија, Немања Мариновиќ, извршен директор на ArcelorMittal Projects Balkan, и Саша Поповиќ, генерален директор на Vega IT, кои понудија поширок регионален и глобален контекст за економските и индустриските трансформации што ја очекуваат 2026 година.

Годинашното издание уште еднаш ја потврди вредноста на The Economist MeetUp како место каде што не се зборува само за иднината, туку таа се анализира, се предизвикува и активно се обликува.

Во тој контекст, Наташа Божиновска – Миркова, извршна директорка на Represent Communications Skopje и организатор на настанот, истакна дека под франшизата на престижниот магазин The Economist, MeetUp-от ја продолжува својата мисија да ја поврзува бизнис заедницата во земјата и регионот:

„Овој настан нуди платформа за дијалог за клучните трендови, иновации и бизнис можности што ќе ја обликуваат 2026 година. Годинешното издание е фокусирано на четири столба без кои иднината не може да се замисли: дигитализација, вештачка интелигенција, финансии и пазарот на труд сочинет од луѓето.“

Дополнително, Александар Наков, сопственик на Color Media Plus и организатор на настанот, се осврна на темите на новото издание на The Economist – The World Ahead 2026, нагласувајќи дека станува збор за содржина што оди подлабоко од класичните економски анализи:

„Ова е специјално издание посветено на вештачката интелигенција, но и на дилемите што таа ги носи. Во 2026 година ќе стане јасно дали светот ќе ја користи нејзината светла или темна страна. Изданието отвора и теми поврзани со допингот во спортот, како и со феноменот ‘Оземпик’ и парадоксите што ги носи борбата со дебелината.“

Со ова издание, The Economist MeetUp: The World Ahead 2026 ја зацврсти својата позиција како најрелевантниот регионален форум за економска визија, идеи и партнерства, поставувајќи ја агендата за годината што доаѓа и подалеку од неа.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

VERO JUMBO MACEDONIA

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

Фото: Сексапилната Џенифер Лопез

Следно

Андоновски: Дигиталната трансформација мора да биде достапна за сите, промоција на е-Киоск терминалите и е-Сандаче

Latest from Blog

Божиновска и KfW разговараа за проекти кои ја зајакнуваат енергетската независност

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари средба со новата раководителка на одделот за енергетика за Европа и Кавказ во KfW, Бабет Штајн вон Камиенски. KfW е еден од

Иран нападна цели во соседните земји

Фабриката беше нападната и вчера, што исто така предизвика пожари. Кувајт соопшти дека пожарникарите денеска се обидуваат да ги локализираат пожарите и дека немало жртви во нападот. Мина ал-Ахмади може да преработува

50 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА „ВРСКИ“ ВО СУД: JO поднесе обвинение против директорот на Државниот инспекторат за земјоделие Васе Анакиев

По спроведена сеопфатна истражна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинителен акт против едно лице за кривично дело –

Македонското друштво „Илинден“ од Тирана со честитка за Рамазан Бајрам: Порака за мир, почит и заедништво

Македонското друштво „Илинден“ од Тирана упати честитка до сите верници од исламска вероисповед по повод големиот празник Рамазан Бајрам, испраќајќи пораки за мир, толеранција и меѓусебно разбирање. Во честитката, од друштвото истакнуваат
Go toTop