Сиљановска Давкова: Да ја спречиме фрагментацијата на македонското општество и одново да ги научиме доблестите на св. Климент што ја одржуваат заедницата

December 7, 2025
3 mins read

Пред нас е задачата да ја спречиме фрагментацијата на македонското општество со тоа што одново ќе ги научиме доблестите коишто ја одржуваат заедницата. Како и во Климентово време и нам ни е потребна заедничка, повисока цел, околу која ќе градиме односи и ќе премостуваме разлики. Преку владеење на правото и борба против корупцијата, преку социјална правда и заемна грижа да го обновиме општествениот договор на слободни граѓани, еднакви пред законот, сплотени околу општото добро, порача во обраќање претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на Свечената академија по повод државниот празник „Св. Климент Охридски“, која вечерва се одржа под незјино покровителство.

На свеченоста во Музејот на македонската борба за самостојност на која присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, министри, пратеници и општественици, таа подвлече дека Свети Климент Охридски, е нашиот најголем просветител и најверен ученик на Светите Кирил и Методиј. Споменот за охридскиот светител, рече таа, е врежан во колективната меморија не само на македонскиот народ, туку и на целото словенство. Во неговото име според етимологијата се сврзани смирението и милоста, а житијата сведочат дека Св. Климент ги прегрнал овие две доблести како свое второ јас, како срж на својот идентитет, и токму овие две доблести, што не се само христијански, туку општочовечки и заеднички за многу религии, се темелот врз кои е издигнато најголемото и најтрајно Светиклиментово дело.

-Писменоста ширена од Св. Климент им овозможила на луѓето да ги разберат книгите, a со тоа да се разберат и себеси, да научат дека не се одговорни само за сопствените животи, туку и за животот на заедницата. Откриле дека посилните се должни да ги заштитат послабите и дека личната благосостојба зависи од заедничкото добро. Луѓето од Климента научиле да се грижат за вдовиците и сираците, за болните и сиромашните, да бидат гостопримливи кон туѓинците и да имаат мир, независно од околностите. Развивајќи свест за заеднички идеи, вредности и цели, Св. Климент придонел населението да се преобрази во заедница поврзана со солидарност, водена од морален компас, а заедницата, пак, да прерасне во народ способен за создавање автентична култура и насочен кон заедничка надеж. Затоа, народот го засакал Св. Климента како свој духовен татко, голем учител и верен заштитник. Под негово водство, нашите краишта, од политичка периферија прераснале во образовен, просветен и културен центар со древниот Охрид како духовна престолнина, потенцира претседателката.

Таа потсети дека Охридската книжевна школа, едуцирала 3 500 ученици коишто станале учители на словенските народи, а од нејзините препишувачки центри произлегле раскошни ракописи коишто како временски капсули сведочат за континуитетот на македонскиот јазик. Охридска архиепископија, пак, вели, освен духовно засолниште за народот, станала и заштитничка на уметниците. Под нејзина закрила славните неимари го хуманизирале просторот, градејќи во симбиоза со природата, а не наспроти неа. Генијалните зографи, ослободени од стегите на конвенциите, станале предвесници на ренесансата. Вештите резбари во дрво ги оживеале библиските сцени.

-Не треба да заборавиме дека овие трајни вредности коишто оставиле печат врз европската цивилизација, се всушност плод на живот исполнет со смирение пред Бога и милост кон луѓето. И токму затоа опстанале 11 века, надживувајќи империи, династии, системи и идеологии. Но, ако денеска погледнеме околу нас, колку од Светиклиментовите вредности ќе препознаеме во реалниот живот, во секојдневните меѓучовечки односи, во домот и во училиштето, на работа и на улица? Се прашував и ве прашувам, дали ќе ги искусиме во политичкиот, економскиот и медиумскиот простор? Дали македонското општество денес ги отсликува двете доблести кодирани во Климентовото име? Дали сме милостиви? Дали имаме мир? Ако сме милостиви, тогаш зошто има толку суровост меѓу нас? Зошто творечкиот збор го претворивме во оружје за ad hominem напади? Зошто, наместо да се сплотиме, ние се поделивме околу најважните прашања од национален интерес?, прашува Сиљановска – Давкова.

Според неа, меѓу последните сме во Европа по нивото на волонтерство и имаме епидемија на малодушност и рамнодушност, вклучително и кон лични и колективни трагедии.

-Свесна сум дека, делумно, овие состојби се должат и на децениските неправди со кои се соочуваме како народ и како држава, особено во нашите евроинтеграции. Направдата раѓа огорченост, гнев, недоверба, песимизам и цинизам. А сето тоа ги поткопува темелите на македонското општество. Токму примерот на Св. Климент нè поучува на отпор против овие појави, вели таа.

Таа се осврна и на предизвиците што ги носи современата технологија, мобилните телефони, дигитализацијата, на вешташката иннтелигенција поради која многумина се изолираат, поларизираат и отуѓуваат.

-Не застапувам дигитален аскетизам. Дигитализацијата ни е неопходна за да бидеме развиена европска држава со квалитетни и со транспарентни јавни услуги, со конкурентна економија и современо, европско образование насочено кон истражување и развој. Но сето тоа треба да биде поткрепено со дигитална писменост и со одговорна употреба на технологијата. Во спротивно ќе се сведеме на дезориентирани конзументи на видеократијата и спектакл-демократијата.

Без заедничка цел, нема ниту вистинска заедница, туку разединети групи поделени врз политички, етнички, верски или социјални основи.

-Некој ќе рече дека попусто бараме смирение во ера на расеаност и тиранија на ургентното, кога се ни се случува одеднаш. Или, дека залудно бараме милост во време на војни и на бројни економски, еколошки, социјални и безбедносни кризи. Пред нас е голема задача: да ја спречиме фрагментацијата на македонското општество со тоа што одново ќе ги научиме доблестите коишто ја одржуваат заедницата. Како и во Климентово време и нам ни е потребна заедничка, повисока цел, околу која ќе градиме односи и ќе премостуваме разлики. Преку владеење на правото и борба против корупцијата, преку социјална правда и заемна грижа да го обновиме општествениот договор на слободни граѓани, еднакви пред законот, сплотени околу општото добро…Да се натпреваруваме во добрина, служејќи ѝ на заедницата, на општеството. И со тоа, да ја направиме македонската држава пристојно место за живеење, порача Сиљановска – Давкова

На свечената академија се обратија и поглаварот на Македонската правоиславна црква – Охридска архиепископја г.г. Стефан и истакнатиот македонски писател Венко Андоновски.

Обраќање на претседателката Сиљановска -Давкова по повод празникот “Св. Климент Охридскид”

Обраќање на претседателката Сиљановска -Давкова по повод празникот “Св. Климент Охридскид”

Posted by MИА.mk on Недела, 7 декември 2025

Извор: kurir.mk

VERO JUMBO

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

ЌЕ “ПАЃА“ ЛИ КРУНАТА НА ВТОРАТА ДАМА НА САД. Развод? “Не носам бурма бидејќи перам садови“

Следно

Eкспертите предупредуваат: Еве зошто за време на празниците најмногу врски „пукаат“

Latest from Blog

Општина Битола обезбеди 300.000 денари за субвенции за возачки испит

Општина Битола објави јавен повик за доделување еднократна финансиска помош од 6.000 денари за млади лица кои поради привремениот прекин на работата на Испитниот центар во Битола биле принудени да полагаат возачки

Божиновска: Еднаквите можности почнуваат со работна средина што ги поддржува жените

Работната средина треба да им овозможи на жените да напредуваат во кариерата без да се откажуваат од семејниот и личниот живот, порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, на

Коњановски: Околу 15.000 евра проценета годишна заштеда од првата фаза на „Сончеви училишта“

Фотонапонска централа со инсталирана моќност од 40 киловати е поставена во ОУ „Св. Климент Охридски“ во Битола. Централата беше технички прегледана и предадена во рамките на проектот „Сончеви училишта“, кој со анекс

Костовски: Засилени инспекциски контроли во Бутел, на удар објектите со сомнежи за законски прекршувања и непрописното паркирање

Општина Бутел започна со засилени инспекциски контроли на целата своја територија, во координација со инспекциските служби на Град Скопје и Министерството за внатрешни работи (МВР). Веста ја соопшти градоначалникот на Општина Бутел,

Божиновска: Ќе ја зајакнеме соработката со ФЕИТ за младите инженери да стекнат практично искуство

Студенти од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) го посетија Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, каде што со министерката Сања Божиновска разговараа за енергетската сигурност, обновливите извори и енергетската
Go toTop