На 18 ноември 2025 година, во хотелот Swissotel Sarajevo, се одржа високата регионална конференција „Безбеден извоз, силен раст: Напредување на агро-трговијата во ЦЕФТА“, која ги обедини институциите од ЦЕФТА страните, претставниците на Европската унија и водечки експерти од целиот Западен Балкан.

Домаќин на конференцијата беше Босна и Херцеговина, во рамки на нејзиното претседавање со Подкомитетот на ЦЕФТА за земјоделство и СФС (санитарија и фитосанитарија), со што се обезбеди значајна платформа за унапредување на регионалната соработка и поголемо усогласување со ЕУ стандардите за агро-прехранбени производи и СФС регулативи.

Настанот беше организиран преку SEED+ Акцијата, имплементирана од Секретаријатот на ЦЕФТА и финансирана од Европската унија, во партнерство со проектот EU4Trade, кој го спроведува GIZ во име на Германското Сојузно Министерство за економска соработка и развој (BMZ) и ко-финансиран од Европската унија. Конференцијата ја истакна заедничката заложба на регионот за побезбедна и поинтегрирана агро-прехранбена трговија.
Во своето обраќање, Слободан Цвијановиќ, помошник-министер во Министерството за надворешна трговија и економски односи на БиХ и претседавач со Подкомитетот на ЦЕФТА за земјоделство и СФС, истакна:

„Денес, во рамки на претседавањето на Босна и Херцеговина со Подкомитетот на ЦЕФТА за земјоделство и СФС, Министерството за надворешна трговија и економски односи (MoFTER) ја беше домаќин на конференцијата “Безбеден извоз, силен раст” во Сараево. Настанот беше фокусиран на унапредување на трговијата со земјоделски производи и зајакнување на безбедниот агро-прехранбен пазар во регионот. Клучни теми беа дигитализацијата на процедурите, зајакнувањето на контролите базирани на ризик и подобрената координација меѓу СФС институциите, сите насочени кон обезбедување побрза, побезбедна и попредвидлива трговија со земјоделски добра. Учесниците ја истакнаа важноста на системите како што се SEED+ и CEFTA TRACES NT, кои помагаат да се намалат административните оптоварувања и да се зголеми институционалната доверба. Ова го претставува завршниот настан за време на претседавањето на Босна и Херцеговина со ЦЕФТА во 2025 година, повторно потврдувајќи ја нејзината силна посветеност за поддршка на ЦЕФТА страните во зајакнувањето на капацитетите и подготовките за следната фаза на регионална интеграција во 2026. Благодарност до Европската унија, Германското Сојузно Министерство за економска соработка и развој, GIZ, проектот EU4Trade, проектот SEED+ и Секретаријатот на ЦЕФТА за нивната континуирана поддршка за време на претседавањето на Босна и Херцеговина“,

Зајакнувајќи ја улогата на ЦЕФТА во дигиталната трансформација, д-р Пранвера Кастрати, директор на Секретаријатот на ЦЕФТА, сподели значајно ажурирање за реалното влијание на ЦЕФТА: „Внатрешната трговија на ЦЕФТА со овошје и зеленчук достигна 233,1 милион евра во 2024 година, што претставува зголемување од 9,11% во однос на претходната година и импресивен раст од 154,7% од 2014 година, сега претставувајќи 9,85% од вкупната земјоделска трговија на ЦЕФТА. Овој успех е резултат на конкретни реформи воведени преку одлуката на ЦЕФТА за олеснување на трговијата со овошје и зеленчук, која значително ги намали непотребните контроли, ја забрза дигитализацијата и ги зајакна системите за безбедност на храната и растенијата. Годината 2026 ќе претставува значајна промена за ЦЕФТА, од посветеност кон целосна имплементација. Електронските сертификати, инспекции базирани на ризик и размена на податоци во реално време ќе станат новото нормално, подобрувајќи ја ефикасноста, намалувајќи ги трошоците и зголемувајќи ја конкурентноста на земјоделците и извозниците низ ЦЕФТА.“

Антонела ди Сандри, раководител на Одделот 2 за социо-економска конвергенција и одржливост при Делегацијата на Европската унија во Босна и Херцеговина, изјави во своето воведно обраќање дека: „Пакетот за проширување за 2025 година потврдува дека патот кон членство во Европската унија е отворен и достапен за Западен Балкан, под услов реформите да продолжат и соработката да се продлабочи. Во овој процес, постепената интеграција, особено во области како што се земјоделството, трговијата и дигитализацијата, веќе носи конкретни придобивки за граѓаните и бизнисите. Планот за раст на Европската унија од 6 милијарди евра за Западен Балкан дополнително ќе ги поддржи овие напори, помагајќи во зајакнување на конкурентноста, привлекување инвестиции и создавање нови можности низ регионот. Европската унија ќе остане посветен партнер, политички, финансиски и технички, во градењето поврзан, безбеден и просперитетен агро-прехранбен пазар на Западен Балкан. Безбедната трговија гради доверба, а довербата гради раст. Со заедничка работа, ЦЕФТА и Европската унија ги поставуваат темелите за посилна регионална соработка, одржливо земјоделство и следните чекори кон целосна европска интеграција“, заклучи таа.

Придонесувајќи кон оваа визија, Франк Милер, регионален земјоделски советник за Западен Балкан при Амбасадата на Германија во Северна Македонија, додаде: „Нашата заедничка цел е да ја направиме агро-прехранбената трговија побезбедна, побрза и попредвидлива за земјоделците, потрошувачите и бизнисите низ регионот. Германија, заедно со Европската унија, ќе продолжи да ја поддржува регионалната економска соработка и одржливата земјоделско-прехранбена трговија, обезбедувајќи агро-прехранбените пазари не само да го поттикнат посилниот регионален раст и напредокот на Западен Балкан кон Единствениот пазар на ЕУ, туку и да придонесат за одржливиот развој и поширокиот процес на ЕУ интеграција во регионот.“

На конференцијата присуствуаше и Фадил Асани, заменик директор на агенцијата за храна и ветеринарство кој во своето излагање истакна: „Северна Македонија постигна значителен напредок, вклучително и пилотирање на размена на ветеринарни сертификати во рамките на регионот. Поефикасната комуникација помеѓу фитосанитарните, ветеринарните и царинските служби е суштинска за забрзување на процедурите и намалување на административните бариери за извозниците. Преминот кон целосно дигитализирани постапки ќе ни овозможи да ги усогласиме процедурите, да ја зајакнеме координацијата и да ја подобриме конкурентноста на регионалната трговија. Остануваме оптимистични и посветени на продлабочување на соработката во рамките на ЦЕФТА за да постигнеме практични подобрувања за производителите и трговците.“
Промовирање на регионалната интеграција и соработката ЦЕФТА–ЕУ
Конференцијата ја потенцираше заедничката амбиција на ЦЕФТА страните да го зајакнат Заедничкиот регионален пазар, да ја зголемат конкурентноста и да ја продлабочат соработката со Европската унија. За време на конференицјата, SEED+ и EU4Trade ги претставија тековните успеси и ги нагласија приоритетите за модерни, усогласени и дигитално поддржани системи за агро-прехранбена трговија.
Во име на придонесот на SEED+ кон регионалната интеграција, Една Караџа, проект-менаџерка на SEED+, изјави: „Горда сум да кажам дека SEED+ е ’рбетот на дигиталната поврзаност на ЦЕФТА. Тоа ги поврзува луѓето, царините, инспекциите и администрациите; овозможувајќи брза, безбедна и транспарентна размена на податоци. Заедно, ги скратуваме времињата на чекање, ги намалуваме административните оптоварувања и ѝ помагаме на нашата економија да тргува попаметно. Повеќе од 24.000 фитосанитарни и 35.000 ветеринарни сертификати беа разменети преку CEFTA TRACES NT во изминатата година, претворајќи ја дигитализацијата во доверба во реално време, со значителни заштеди за економските оператори и до 70% зголемување на ефикасноста на инспекциите низ ЦЕФТА.“
Надоврзувајќи се на овие достигнувања, Тања Бошковиќ, раководител на проектот EU4Trade, ја истакна стратешката вредност на усогласените напори во олеснувањето на агро-трговијата: „Напредокот не се случи случајно. Тој произлезе од координација, истрајност и институции подготвени да работат отворено и конструктивно. Предизвиците остануваат, технички, политички и практични, но ние работиме низ нив, а не околу нив. Секој чекор, голем или мал, го прави системот побезбеден и попредвидлив. Ќе продолжиме со оваа работа, ќе надградуваме врз постигнатото и ќе ги поддржуваме нашите партнери секој ден, дури и кога условите се предизвикувачки. Заедно можеме да продолжиме да градиме посилен и поповрзан регион.“


