Со зголемување на надоместоците за концесии за првите шест месеци од 2025 година, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини оствари наплата од над 500 милиони денари, што е историски успех и е двојно поголема сума наплатена во споредба со 2024 година. Со зајакнување на инспекциските контроли пак, целта ни е да воведеме европски стандарди и знам дека ќе успееме во тоа. Приоритетите остануваат јасни: ред, транспарентност и одговорност во управувањето со енергетските и рударските ресурси, вели во интервју за МИА министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Со зголемување на надоместоците за концесии за првите шест месеци од 2025 година, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини оствари наплата од над 500 милиони денари, што е историски успех и е двојно поголема сума наплатена во споредба со 2024 година. Со зајакнување на инспекциските контроли, пак, целта ни е да воведеме европски стандарди и знам дека ќе успееме во тоа. Приоритетите остануваат јасни: ред, транспарентност и одговорност во управувањето со енергетските и рударските ресурси, вели во интервју за МИА министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
– Од самиот почеток јасно кажав дека ќе воведеме ред во системот на концесии. Тоа значи дека секој што добил право да користи државен ресурс мора да ги исполнува обврските, без исклучок. Ги зголемивме надоместоците за концесиите во рударството – мерка што не е направена со години – и воспоставивме нов систем за контрола и наплата. Конкретните бројки покажуваат дека за првите шест месеци од 2025 година, Министерството оствари наплата од над 500.000.000 денари, што е историски успех. Само за споредба, ова е двојно поголема сума наплатена во споредба со 2024 година. Секој денар што ќе се наплати од концесии ќе биде наменет за јавен интерес – за безбедност, заштита на животната средина и развој на локалните заедници, вели министерката Божиновска.
Таа при тоа појаснува дека сумата која до сега ја плаќале концесионерите била една од најниските споредено на ниво на Европа и затоа вели дека не претставува никакво оптоварување на конкурентноста на субјектите кои работат во оваа индустрија во земјава.
– Од друга страна, за мене е многу значајно тоа што најголем дел од средствата собрани по овој основ завршуваат во буџетите на општините таму каде што се наоѓаат рудниците. Тие пари нема да се користат за бирократија и администрација, туку во најголем дел ќе се користат за потребите на луѓето, за проекти коишто нив директно ќе им го олеснат животот, дали тоа е нов парк, улица или градинка, наведува Божиновска.
Таа воедно потенцира дека Министерството веќе спроведе ревизија на сите активни концесии и утврди дека дел од нив не се во согласност со законските прописи, поради што над 45 концесии се раскинати.
– Нашата цел не е санкција по секоја цена, туку враќање на принципот на одговорност и почитување на државниот интерес. Воведуваме ред за да создадеме фер услови за работа. Тоа е предуслов за воведување европски стандарди и надеж за зголемување на севкупната економска активност во овој сектор, потенцира министерката за енергетика.
Божиновска потврдува дека со носењето на новиот Закон за енергетика зголемен е интересот за инвестиции од домашните и странските компании. Веќе имаат најави за нови вложувања во обновливи извори – сончеви и ветерни електрани.
– Целта е Македонија да биде сигурен партнер за инвеститорите, со јасни правила и функционален енергетски пазар, наведува таа.
Воедно, потенцира дека Министерството воведува ред и во изградбата на нови енергетски капацитети со тоа што по првпат се изготвува Годишен план за развој на енергетскиот систем, кој ги дефинира приоритетите за нови објекти, зајакнување на мрежите и стабилно снабдување со електрична енергија. До 1 октомври, потенцира таа, добиле над 200 иницијативи за 2026 година, што обезбедува стратешко насочување на инвестициите и правна сигурност за инвеститорите.
Божиновска нагласува дека земјава има активна улога и во регионалните и европските иницијативи и се посветени на зајакнување на енергетската дипломатија.
Во тој контекст таа ја потенцира важноста на Меѓународниот форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14), што во организација на Министерството за енергетика и рударство и УНДП, од 28 до 30 октомври ќе се одржи во Скопје, а на кој досега има пријавено учесници од над 70 земји и повеќе од 300 делегати.
– Форумот е платформа за активна регионална и меѓународна соработка, привлекување инвестиции и промоција на стабилната регулаторна рамка што ја создадовме. Форумот е дел од пошироката стратегија на Министерството да ја зголеми видливоста на Македонија во енергетскиот сектор, да ја унапреди енергетската безбедност и да отвори нови можности за домашни и странски инвестиции, подвлекува Божиновска.
Во интервјуто министерката Божиновска, меѓу другото, се осврнува и на иницијативата за заштита на македонскиот рубин како национално богатство – симбол, но и ресурс со значаен економски потенцијал, со цел да се регулира неговото ископување и тргување.