Волонтирањето кај македонските граѓани не е толку застапено како во развиените земји ако судиме според статистички податоци. Некои анализи покажуваат дека Македонија ја има една од најниските стапки на волонтирање во светот и често е рангирана меѓу државите со ангажман под 10 отсто. Во истражувањата кои се правени во земјава, луѓето одговарале дека не се активни во некоја невладина, затоа што не се заинтересирани, немаат време или не се информирани. Сепак, дел од младите волонтираат со цел да ја збогатат својата професионална биографија, да стекнат нови контакти и искуства. Од организациите исто потврдуваат дека најголем дел од волонтерите се млади луѓе.
„Има одзив, секоја година испраќаме волонтери во странство од 2 месеци до година да престојуваат таму преку Еразмус плус. Локални акции ако работиме, ни се приклучуваат. Доаѓаат на работилници, на акции за чистење, соработуваат со странските волонтери, ги назначуваме како ментори, да им го покажат градот, да се дружат. И кај нас е популарно волонтерството. Во Франција на пример имаат Француски граѓански сервис, така што луѓето ги праќаат во странство, но можат и локално да волонтираат“, вели Горан Галабов од Волонтерски центар Скопје.
Сузана Тунева-Пауновска, секретар на Црвен Крст на Град Скопје објаснува дека тие си имаат поставено цел да го зголемат бројот на волонтери, но додава дека секако треба да го следиме примерот на развиените земји.
„Кај нас бројката на луѓе кои се членови во Црвен Крст е 11.000 на ниво на држава и плус имаме уште 7.000 активни волонтери, значи вкупно 18.000. Во последните години работиме на активно стареење, ги вклучуваме волонтерите од трето доба и тука имаме подобрување. До 2028 година, планираме бројот на волонтери да го зголемиме за 10.000“, рече Тунева-Пауновска.
Земји со најголем број волонтери во светот се САД, Нов Зеланд и Норвешка, според volunteerfdip.
Во САД, 41,9 отсто од испитаниците волонтирале. Волонтирањето е дел од американската култура, со 77,34 милиони возрасни лица кои волонтирале во 2023 година.
Во Нов Зеланд, 41,53 отсто од испитаниците волонтирале, односно придонесуваат со 159 милиони часа годишно во формална волонтерска работа.
Во Норвешка, 38,93 отсто од испитаниците волонтирале и значителното учество во волонтерски задачи ја рангира државата на трето место во светот.
Понатаму, во Канада 38,06 отсто од испитаниците волонтирале, односно 13,3 милиони луѓе посветиле 2,07 милијарди часа на волонтерски активности.
Во Австралија, 37,9 отсто од испитаниците волонтирале, односно 6,1 милиони возрасни луѓе се занимаваат со волонтерска работа годишно.
Зад неа е Холандија, земја каде 37,15 отсто од испитаниците се пријавиле како волонтери или над половина од младите Холанѓани на возраст од 15 до 24 години повремено волонтираат.
Во Ирска, 35 отсто од испитаниците се пријавиле како волонтери, односно над еден милион Ирци годишно се приклучуваат на волонтерски програми.
Зад Ирска се редат Швајцарија, Австрија, Обединетото Кралство, Франција, Финска, Јапонија, Белгија, Германија.
За споредба во Германија, 22,72 отсто од испитаниците волонтирале или околу 17,1 милиони Германци се вклучени во волонтерска работа.
Извор: zurnal.mk


