Власта најавува интензивирање на дебатите за уставни измени, опозицијата бара предвремени избори

January 20, 2023
4 mins read

Во деновите што доаѓаат се очекува интензивирање на разговорите за уставни измени. Засега се уште нема најава кога би почнала постапката за уставни измени и измени на Преамбулата на Уставот, но, според легислативата за да се стаса до ноември, кога треба да заврши скринингот, таа треба да почне во првите месеци од годинава.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ пред неколку дена најави дека уставните измени во текот на следните неколку недели или месеци ќе бидат актуелизирани на дебати со граѓанските организации и експерти во однос на нивната содржина, но и во однос на нивното политичко значење. Според вицепремиерот Маричиќ, политичкото значење е многу повеќе од само уставни промени на еден дел од Преамбулата и на еден амандман на Комитетот за односи меѓу заедниците, туку, како што напомена, овие уставни амандмани имаат значење на практично „зелено светло“ од наша страна, од нашето Собрание, за продолжување на преговорите со Европската Унија.

Во Алијансата за Албанците од понеделник започнува дебата за влез во Владата, што според лидерот на партијата Арбен Таравари ќе биде условена со обезбедување 80 пратеници за уставни измени и борба против корупцијата. Алијансата за Албанците во сабота во Куманово на Централно собрание ќе го бира новото раководство, а од понеделник преку внатрепартиски консултации ќе решава за влез во Владата, потврдија вчера од партијата за МИА.

– Оваа сабота ќе се одржи состанокот на Централното собрание на партијата, на кој ќе биде избрано новото партиско раководство – потпретседателите и секретарите. Додека, пак, за понудата за влез во Владата, не се одлучува во понеделник, туку од понеделник ќе се разговара внатре во партијата, посочија од партијата.

Претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари во изјава за една национална телевизија вели дека неофицијалната покана за влез во Влада ќе ја прифатат само за сериозна борба против корупцијата и ако постојат шанси да се обезбедат 80 пратеници за уставни измени.

– Трето, најважен интерес на граѓаните е земјата да успее да ги направи уставните измени и да почнеме преговори со ЕУ. Ако добиеме информации од другите партии на власт дека постои можност за обезбедување на 80 гласови тогаш треба да им дадеме шанса на уставните измени и преговорите со ЕУ. Цениме дека со такво мнозинство ќе придонесеме полесно да се убедат и пратеници на ВМРО и целата партија да ги гласа уставните измени. Доколку нема такви шанси тогаш не гледаме причина зашто да бидеме дел од власта, вели Таравари.

Премиерот Димитар Ковачевски завчера во изјава за медиумите соопшти дека постојат шанси за влез на Алијансата за Албанците во Владата, но тоа ќе зависи и од политичкиот договор.

– Алијанса за Албанците има изразено политичка волја која што е „за“ европски концепт на државата. Дали ќе влезе во Владата? Да, постојат шанси за тоа. Исто како што кажаа и другите политички лидери. А дали ќе се случи тоа? Зависи од политички договор. Политичкиот договор секогаш има два аспекти – едниот е програмски и другиот е кадровски. Додека не се случи такво нешто, не можеме со сигурност да кажеме дека ќе има уште еден владин партнер, рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање на прес-конференција во Владата, на која заедно со вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ информираше за скрининг процесот и следните активности поврзани со ЕУ интеграциите.

Премиерот потенцира дека е отворена можноста за сите оние кои што сакаат да се приклучат кон концептот за европска Северна Македонија и сега е времето да го направиме тоа, бидејќи, како што рече, од нас зависи побрзото пристапување на државата во Европската Унија.

Претседателот на Алтернатива Африм Гаши, пак, објави дека имал средба со амбасадорката на САД Ангела Агелер на која и ја претставил иницијативата за поднесување уставен амандман за спречување на неказнивност на политичка корупција. Како што објави Гаши на својот профил на Фејсбук, оваа иницијатива треба да го надмине етничкиот дискурс и да се фокусира на владеењето на правото како приоритет за целото општество.

-Побарав поддршка од САД за овој амандман, бидејќи тоа е еден од најголемите чекори предложени досега, директно насочени кон борба против политичката корупција, наведува Гаши.

Посочува дека со амбасадорот се согласиле дека ја делат истата визија за иднината на земјата.

-Ја реафирмиравме заедничката заложба земјата да оди напред кон ЕУ и европските стандарди во општеството, како што е владеењето на правото. Разговаравме за плановите за забрзување на интеграцијата во ЕУ, вклучително и опциите за деблокирање на преговорите со ЕУ, преку уставните измени. Исто така, се согласивме дека сите политички фактори треба да го поддржат патот кон ЕУ и да ги стават граѓаните на прво место, во обид да обезбедат подобра иднина за сите, објави Гаши на својот профил на Фејсбук.

Евроамбасадорот Дејвид Гир пред неколку дена рече дека доколку уставните измени не се случат верува оти би дошло до некој застој и дека не може да каже што би се случувало потоа. Кога станува збор, пак, за двотретинското мнозинство, евроамбасадорот додаде дека тоа е внатрешно прашање.

– Очекувам Владата сама да го реши и не можам да се мешам во тие работи затоа што тоа не е во мојата работа, а кога станува збор за уставните измени тие произлегоа од договор за којшто државата се обврза во своите билатерални односи со Република Бугарија, изјави евроамбасадорот.

Таа промена, како што нагласи, е суверена одлука што треба да ја донесе оваа земја. Гир потенцира и дека идентитетот не се губи на патот кон ЕУ.

– Државата има добар историјат на меѓуетнички односи и сметам дека ќе донесе одлука што ќе ги зајакне уште повеќе, без притоа да се поткопа или на некаков начин наруши идентитетот на оваа земја, затоа што идентитетот не се губи на патот кон ЕУ. Меѓутоа бидејќи оваа измена е дел од Договорот којшто беше направен со цел започнување и продолжување со пристапните договори доколку не се направи тоа, верувам дека ќе дојде до одреден застој, а понатаму што би било не би можел да кажам, додаде Гир.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот против уставни измени и за предвремени избори. Во Охрид вчера лидерот на партијата Христијан Мицкоски обвини дека полукриминални групи контролирани од СДСМ и ДУИ вршат притисок врз пратениците од власта кои сакаат да поддржат предвремени избори.

– Па, мислам дека не би имало човек во Парламентот, рационален човек кој што и сака добро на Македонија, а да не посакува избори. Но, оние полукриминални групи кој што, високото раководство на СДСМ и ДУИ ги контролираат и се дел од македонското подземје, веќе почнуваат да вршат притисок врз тие пратеници, изјави Мицкоски.

Изрази убедување дека, како што рече, и покрај притисоците, тие ќе останат доследни, бидејќи борбата за Македонија нема цена.

ИЗВОР: kurir.mk

MARKETING

MARKETING

MARKETING

Претходно

САД ќе и испратат на Украина нов пакет воена помош, тој не вклучува тенкови „Абрамс“

Следно

Роналдо сподели фотографија со Меси: Убаво е да се видат некои стари пријатели (ФОТО)

Latest from Blog

НАТО предупредува за сериозни саботажи и сајбер напади кон нејзините членки

НАТО предупредува на нови сериозни акти на саботажа и сајбер напади на територијата на алијансата, изјави висок функционер на Северноатлантскиот сојуз на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО

Колку изнесува месечна пензионерска кошничка?

Списокот на потребите на пензионерите не е многу долг, но е прилично скап: храна, лекови, сметки… Според податоците на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ), во октомври 2024 година, просечната пензија

„Помисли двапати“ кампања на ИНТЕРПОЛ за зголемување на свесноста и заштита од онлајн измами

ИНТЕРПОЛ почна со нова кампања за зголемување на свесноста од растечките закани од сајбер или финансиски измами на луѓе, организации или институции. „Помисли двапати“ (Think Twice) кампањата во која целосно се вклучува

Министерот за безбедност на БиХ во посета на МВР

Министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Ненад Нешиќ со придружна делегација, денеска ќе престојува во работна посета на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија. Како што соопшти МВР, министерот

Бугарските пратеници во ДЕВЕТТИ обид да изберат претседател на Парламентот

Бугарските пратеници претпладнево ќе остварат нов обид – деветти по ред за избор на претседател на Парламентот, јави БТА. Минатата недела тие повторно не успеаја да изгласаат шеф на законодавниот дом. Во
Go toTop