Владата го класифицираше историскиот договор за автопатите со „Бехтел и Енка“, нема да и биде даден на јавноста

3 mins read

Тројца членови на Владата на денешниот брифинг со новинари, одржан во Министерството за политички систем, објаснија дека јавноста нема да го види договорот поради барањето на изведувачот „Бехтел и Енка“, документот да има ознака „доверливо“

8 март 2023 година е датумот кога во свечената сала во владината зграда беа ставени потписите на договорот за изградба на автопатски делници од вкупно 110 километри во рамки на коридорите 8 и 10-д.

Договорот, согласно специјалниот закон, е направен со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, а во име на Владата го потпишаа министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) Ејуп Рустеми.

Власта го претстави договорот како најголемиот инфраструктурен проект во историјата на државата.

Историскиот договор веднаш стана таен

По потпишувањето на договорот, на јавноста и беше презентирано дека проектот ќе чини 1,3 милијарди евра, дека за тие пари ќе се изградат вкупно четири делници на коридорите 8 и 10 д и дека работите ќе траат 4 години и 7 месеци. Но, минатиот петок, пратеници од владејачкото мнозинство молчешкум предложија измени на девет закони, по скратена постапка. Меѓу другото, се предлага да се избрише забраната прекувремената работа во текот на една недела да трае повеќе од 8 часа, да се забрзаат постапките за експропријација, изведувачот да не плаќа данок и акциза на гориво и возила и друго. Опозицијата, деновиве, објави дека во договорот се предвидени пенали, ако власта не ги смени законите кои сега сака забрзано да ги смени.

Буката која настана со законските измени но и со обвинувањата од опозицијата веројатно беше една од причините за министерот за политички систем и прв заменик на премиерот, Артан Груби, да закаже брифинг со новинарите.

На страната на седмата сила, имаше околу 20 медиумски работници. На страна на владата, тројца министри, повеќе директори и претставник на надзорот – првиот вицепремиер Артан Груби кој е и координатор на проектот; министрите за транспорт и врски и за економија Благој Бочварски и Крешник Бектеши; директорот на ЈПДП Ејуп Рустеми; директорката на Управата за имотно правни работи Шасине Касами; директорката на Државниот инспекторат за труд Весна Томовска, директорот на ЈП „Национални шуми“ Валентин Груевски и претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и од Министерството за финансии. Присутен беше и Дарко Спировски како претставник од „ИРД Инженеринг“ компанијата која го предводи конзорциумот што ги водеше преговорите со „Бехтел и Енка“ во име на Владата и конзорциумот што ќе треба да врши надзор на автопатиштата.

Атмосфера пред почетокот на брифингот во Министерството за политички систем

Уште на почетокот на брифингот се постави прашањето – кога Владата ќе го објави договорот со „Бехтел и Енка“, кој веќе ја бранува јавноста? Одговорот стигна брзо – „Бехтел и Енка“ барале тој да биде доверлив, бидејќи имало ценовно чувствителни информации за нивниот бизнис и модел на работење.

Очекувано, следуваа реакции од новинарите, како може да се мисли на корпоративниот интерес кога се во прашање јавни пари? Како може да биде поважен интересот на „Бехтел и Енка“ од оној на граѓаните? Одговорите на министрите, но и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, беа во насока на тоа дека и сега имаме договори кои не се објавени. Беше споменат патот Крупиште – Кочани, кој се гради со пари на ЕБОР а изведувач беше „Синохидро“, кој државата на може да го објави доколку ЕБОР не се согласи на тоа. Беа споменати и договорите за странски компании во слободните економски зони, кои котираат на берзи. Министерот Бектеши дури и спомена дека никогаш не се објавени и договорите за продажбата на ОКТА и договорот со ТАВ, за Скопскиот аеродром. Не помогнаа репликите од новинарите дека дел од споменатите договори се склучувани во други не баш фалени времиња и дека оваа влада декларативно се бори за транспаретноста.

За време не брифингот се отвори и прашањето – дали ќе добијат пристап до договорите оние пратеници кои имаат соодветен безбедносен сертификат. Никој од присутените не даде концизен одговор.

И во владата нема согласност – договорот да биде тајна

Покрај владините претставници на брифингот, за необјавувањето на договорот денеска зборуваше и вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска, која рече дека не гледа причина зошто договорот со „Бехтел и Енка“ да не биде објавен јавно освен ако нема некоја клаузула за тајност.

Проектот за изградба на 110-те километри автопатишта дел од коридорите 8 и 10-д, како што беше објаснето при потпишувањето, ги опфаќа делниците: Тетово-Гостивар – над 17 км; Гостивар-Букојчани – 30,3 км; Требениште-Струга-Ќафасан – 22 км; Прилеп-Битола – 40 км.

Свечена церемонија за поставување камен темелник која всушност беше откривање табла, со која се одбележа почетокот на изградбата на Коридорот 8 беше организирана на 4 април, а на 22 април, како што денеска најави Груби, е планиран „вовед во работата“. За 12 мај, пак, е закажано поставување камен темелник на Коридорот 10-д.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

НЕМА ДА ГО ДОЗВОЛАМ ОВА НИВО НА НЕКУЛТУРА НА ФИЛХАРМОНИЈА, ИМ ОДГОВОРИ МИНИСТЕРКАТА ЗА КУЛТУРА НА МУЗИЧАРИТЕ КОИ ЈА ОБВИНИЈА ЗА ХАОС СО ЏЕЗ ОРКЕСТАРОТ

Следно

ЕУ изрази жалење за смртоносните судири на азербејџанско-ерменската граница

Latest from Blog