Владата донесе одлука од денеска и во наредните неколку денови да обезбедува по 50.000 литри бесплатна вода за пиење дневно за жителите на Гостивар, со цел да се задоволат основните потреби на населението додека се спроведуваат препораките и мерките на надлежните институции, информираа од таму.
Оваа следи откако во Општината беа регистрирани бројни случаи со стомачни проблеми, а водата беше забранета за пиење и друга употреба.
Дистрибуцијата на водата ќе ја организира Службата за општи и заеднички работи на Владата, преку повеќе пунктови во градот, меѓу кои Водостопанство – Гостивар, градинката „Пролет“, Средното економско училиште, ЈП „Национални шуми“ – Подружница „Шар“, подружницата на АД ЕСМ кај гаражите, Општата болница „Ферид Мурад“ и Територијалната противпожарна единица.
Од таму информираат дека надлежните институции продолжуваат со интензивни контроли, анализи и истражни дејствија за утврдување на причините за настанатата состојба.
„Очекуваме целосно расчистување на случајот, а секој за кого ќе биде утврдена одговорност ќе одговара согласно закон“, соопштуваат од Владата.
Од таму апелираат граѓаните да ги почитуваат препораките на надлежните институции и информациите да ги следат исклучиво преку официјалните канали.
Извор: zurnal.mk

