(ВИДЕО) Само 15 милиони евра, а не 30 вреди конфискуваниот недвижен имот на Сашо Мијалков

5 mins read

Конечно заврши проценката на недвижниот имот конфискуван од Сашо Мијалков во предметот „Империја“, на што работеа Агенцијата за управување со одземен имот и Бирото за судски вештачења. Станува збор за 15 милиони евра, што не е ни приближно блиску до 30 милиони, колку што првично соопшти Обвинителството дека вреди она што му се одзема на Мијалков во спогодбата со која призна вина и доби три години затвор. Како се стигна до оваа огромна разлика, погледнете во видеото

Недвижниот имот на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, конфискуван со спогодбата за случајот „Империја“, е проценет на околу 15 милиони евра, одговорија за „360 степени“ од Агенцијата за управување со одземен имот.

Оваа сума е значително помала од онаа што на 8 јули со јавноста ја сподели тогашната шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.

„Според проценките правени во 2011, 2013, 2016 и 2019 се околу 20 милиони евра, со тоа што знаеме сите колку е зголемена вредноста на недвижниот имот, мислиме дека некаде моменталната проценка е околу 30 милиони евра“,

кажа Русковска на 8 јули 2022 во изјава за ТВ Канал 5.

Но, од Агенцијата за управување со одземен велат дека официјалните проценки покажале нешто друго. Во детали велат дека одземеното од Мијалков изнесува: 15 милиони евра во недвижен имот, 350 илјади евра во акции и околу 6,1 милиони евра готовина.

Сумирано, шест месеци по почетокот на проценката, ќарот за државата од спогодбата со Мијалков е проценет на вкупен износ од 21,5 милиони евра.

За огромната разлика меѓу сегашната официјална проценка на вредноста на конфискуваниот имот на Мијалков и онаа што ја соопшти Вилма Русковска пред седум месеци, од коалицијата „Сите за правично судење“ повикуваат да се внимава со изјавите.

„Неопходно е јавните обвинители многу повеќе да внимаваат при давањето на изјави во однос на тоа колку е навистина конфискацијата и колку треба да биде истата, бидејќи може да остави сомнеж кај граѓаните во насока на тоа дека можеби нешто се случило после изрекување на пресудата, односно која е навистина сумата, односно имотот којшто треба да се конфискува од страна на одредено обвинето лице, односно во конретниот случај осудено лице, коешто државата треба да го земе како конфискација, односно како имотна корист којашто треба да биде одземена. Така што, ова може дополнително да влијае на довербата во судството и довербата на бвинителството кај граѓаните затоа што се остава еден впечаток дека нешто е кажано пред да биде донесена пресудата, а веќе еве кога пресудата треба да биде извршена, станува збор за сосема друга сума што ќе биде конфискувана како имот“,

вели за „360 степени“ Ивана Петковска од коалицијата „Сите за правично судење“.

Ивана Петковска – коалиција „Сите за правично судење“

За големата разлика во проценетите суми побаравме коментар од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Оттаму ни одговорија дека нивната првична проценка на запленетиот недвижен имот на Мијалков била околу 14,5 милиони евра и дека тоа го напишале во соопштение издадено истиот ден кога Русковска во јавноста даде изјави дека вредноста на запленетиот недвижен имот е 30 милиони евра.

Во тоа соопштение никаде не е напишана вкупната вредноста на тоа што се запленува, туку само поединечни вредности за 11 точки на конфискација. Независно од тоа, од Обвинителството велат дека ја добиле проценката.

„Агенцијата за управување со одземен имот достави известување до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со кое го информираше Обвинителството дека е постапено по пресудата и дека целокупниот недвижен имот и акциите се запишани на име на РСМ, а паричните средства се уплатени во Буџетот на РСМ. До Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на 7.2.2023 година е доставено известување дека е направена проценка, по која Обвинителството ќе достави мислење“,

ни одговорија од ОЈО за гонење на организиран криминал.

Според одговорите што „360 степени“ ги доби од Агенцијата за управување со одземен имот, сè уште не е проценета вредноста на деловниот простор на Мијалков во недоградениот хотел на плоштадот „Македонија“ во Скопје. Имотот е предмет на извршување, па проценката на вредноста е во процедура кај него.

Дел од имотот на Мијалков, пак, е под хипотека, како на пример деловниот простор спроти ЗОИЛ или становите на „Славејко Арсов“. Од Агенцијата велат дека со хипотекарниот имот ќе постапат согласно законските прописи, без дополнително појаснување.

Обвинителството, пак, одговара дека со пресудата е осигурано дека ако некој имот не може да се конфискува поради хипотека, тогаш ќе се наплати од друг имот.

„И Судот и Обвинителството обезбедија, доколку има пречки при конфискувањето на противправно стекнатиот имот, истиот да биде надоместен со конфискација на друг имот што одговара на неговата вредност, односно кој било друг имот што осудениот го поседува“,

велат од од ОЈО за гонење на организиран криминал.

Од Обвинителството повторуваат и дека проценките на вредноста се од второстепено значење, бидејќи клучно било да го запленат целиот нелегално стекнат имот на Мијалков, независно од вредноста.

„Целокупниот имот за кој Обвинителството обезбеди докази дека осудениот го поседува, а е стекнат на незаконски начин, е конфискуван, што и беше во фокусот на Обвинителството – конфискација на имот што во големи размери ги надминува приходите што Сашо Мијалков законски ги остварувал и за кои дал лажни или непотполни податоци, без оглед на висината на неговата вредност“,

додаваат оттаму.

Но, од коалицијата „Сите за правично судење“ отвораат нов аспект. Велат дека како имотна корист треба да се смета не само недвижноста туку и кредит подигнат со хипотека на нелегално стекнат имот.

„Мора да се стави акцент на тоа дека хипотекарниот кредит претставува имотна корист, затоа што со тие средства коишто се земени како хипотека, понатаму се умножува, се отвораат други прашања за остварување на други средства, така што Обвинителството треба да го разгледа и тој дел. Меѓутоа, кога станува збор за трети лица коишто се вклучени во кривичната постапка, односно од којшто се конфискува имотот, во овој случај не би можело да биде извршена конфискацијата, затоа што не може да се изврши конфискација на имот којшто е ставен под хипотека, во случајов, банките. Ова е исто така прашање коешто беше отворено и во предметот ‘Труст’, кадешто дел од имотот којшто беше конфискуван, не можеше реално да биде конфискуван поради постоење на хипотеката“,

вели Петревска од коалицијата „Сите за правично судење“.

Друг куриозитет е што со недвижниот имот на Мијалков беа запленети и придружни простории, како и ходници и скали во заедничка сопственост. Од Агенцијата за управување со одземен имот ни одговорија дека ходниците и скалите се заеднички простории кои ги користат станарите и не се предмет ниту на процена ниту на продажба – став кој го делат и од невладината „Сите за правично судење“. Оттаму посочуваат дека државата треба да размислува и за градење на поголеми капацитети за работење на предмети за конфискација.

„Неспорно е дека е потребно да се посвети многу внимание и работа на делот со унапредување со капацитетите на јавните обвинители, истражните центри, односно истражителите во делот на тоа што значи финансиска истрага и начинот на кој треба да се обезбеди имотот, меѓутоа и како да се конфискува истиот. Освен Обвинителството, тука ни се и Судот, и на крајот Агенцијата за управување со одземен имот којашто треба да ја спроведе конфискацијата, односно пресудата, така што е многу важно да бидат зајакнати човечките ресурси на сите овие институции коишто се вклучени во делот на конфискација и да се унапредат истите како би се овозможило да имаме извршување на пресудата сооветно, согласно законите коишто ги имаме“,

додава Петревска.

Покрај запленетите имот, акции и готовина, Мијалков доби и тригодишна казна за случајот „Империја“. Пред да биде упатен на издржување на казната, тој ја смени адресата на живеење од Скопје во Охрид, што му овозможи да оди во затворот во Струга кој е од отворен тип. Пред тој затвор дежуравме неколку дена по ред на почетокот на септември, но не го забележавме Мијалков ниту да влезе ниту да излезе од установата.

Планот на Агенцијата за управување со одземен имот е конфискуваното од Мијалков да почне да се продава. Парите одат во државната каса. Разликата е што наместо најавените 30 милиони, приливот од недвижниот имот ќе биде двојно помал.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Мицкоски: Во Свети Николе се реализирани 70% од тоа што е ветено на изборите, градоначалникот покажува дека може да се работи и реализира

Следно

Бразил: Бројот на загинати во поплавите и свлечиштата се зголеми на 40

Latest from Blog