(ВИДЕО) Парите јавни, трошоците полутајни – партиите немаат обврска за евиденција како точно ги трошат буџетските средства

7 mins read

Во барања за пристап до информации од јавен карактер поставивме три конкретни прашања до четири партии – СДСМ, ВМРО-ДПМПНЕ, ДУИ и Алијанса за Албанците. Прво, им побаравме детален преглед на трошењето на парите кои ги добиваат од Буџетот. Второ, им побаравме преглед за парите добиени од Буџетот за исплата на плати и тоа поединечно за секое лице што примило плата од буџетските средства. Трето, побаравме колку пари потрошиле за едукација и тренинг на подмладокот и организацијата на жени

Ниту една од партиите не можеше да одговори на што и колку троши од буџетските пари за редовно финансирање со објаснување дека тие легнуваат на иста сметка на која доаѓаат и донациите/членарината и не може да се делат, а немаат и таква обврска

Многумина граѓани ниту се членови на политичка партија, ниту гласаат на избори. Но, тоа не значи дека не даваат придонес за нивното постоење. Дел од секое плаќање данок кое завршува во буџетот, оди во касата на партиите. Најмногу за нивното редовно финансирање.

Во 2004 година, кога е донесен Законот за финансирање на политичките партии, ним им следуваа 0,06% од вкупните изворни приходи на Буџетот. Во моментов, кај партиите завршуваат 0,15% од вкупните изворни приходи на Буџетот, односно два и пол пати повеќе отколку пред 20 години. Што значи тоа во пари?

Лидерска средба 07.11.2022

Кон крајот на мај годинава, на сметката на ВМРО-ДПМНЕ легнаа околу 1,5 милион евра, на сметката на СДСМ 1,3 милион евра, кај ДУИ завршија речиси 678 илјади евра, а кај Алијансата за Албанците околу 280 илјади евра. Пари добија уште дваесетина политички партии, иако далеку помалку. Моделот е таков што најголеми суми завршуваат кај тие што освоиле најмногу гласови и што имаат најмногу пратеници и советници.

Сумите не доведоа до идејата да направиме мини-тест за транспарентноста и отчетноста на партиите, односно дали ќе ни кажат во детали како ги трошат парите. Партиите имаат обврска да објават финансиски извештаи, но во нив нема многу информации, ниту поделба – каде се трошат парите од буџетот, а каде од донации и членарина.

Во барањата за пристап до информации од јавен карактер поставивме три конкретни прашања до четири партии – СДСМ, ВМРО-ДПМПНЕ, ДУИ и Алијанса за Албанците. Прво, им побаравме детален преглед на трошењето на парите кои ги добиваат од Буџетот. Второ, им побаравме преглед за парите добиени од Буџетот за исплата на плати и тоа поединечно за секое лице што примило плата од буџетските средства. Трето, побаравме колку пари потрошиле за едукација и тренинг на подмладокот и организацијата на жени.

Барањата ги испративме на 25 август, значи пред околу три месеци. Колку се покажаа транспарентни партиите? Не многу, ако се земе предвид дека се уште траат жалбени постапки што ги покренавме пред Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Но, прво за добрите примери. Најбрз и најдетален одговор добивме од Алијанса за Албанците. За вработените, ни испратија список од 12 лица со име и презиме и нивнитe плати со сите давачки за фискалната 2022 година. Нето-платите се движеле од 20 до 46 илјади денари. Вработени се девет „работници“, двајца „секратари“ и еден „возач“. За подмладокот и за организацијата на жени ни одговорија дека одвоиле околу 15 000 евра. Но, потенцираа дека имале и други активности за овие групи кои не ги чинеле пари, бидејќи поддршката дошла од меѓународни организации. Партијата, сепак, не можеше да ни даде одговор – како ги трошеле само државните пари по ставки. Причината – сите приходи, на крај, се трошат од една сметка за сите потреби.

Извадок од годишен финансиски извештај на Алијанса за Албанците

Втората политичка партија која ни одговори брзо беше СДСМ. Но, за разлика од Алијансата за Албанците, владејачката партија не сподели никакви податоци. За прашањето – како ги потрошиле само државните пари, бевме упатени информациите да ги бараме на нивната веб-страница, во делот на финансиските извештаи кои се обврзани да ги објавуваат секоја година најдоцна до 31 март. Таму, сепак, се прикажани сите расходи, независно од изворот на приходите. Не ни дадоа одвоена информација ниту колку пари добиле младите и организацијата на жени, а за платите на вработените – направиле тест на штетност и одлучиле дека станува збор за личен податок. До овој момент нема финален епилог на жалбите што ги поднесовме пред Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер за оваа партија.

СДСМ и Алијанса за Албанците не се одѕваа на нашето барање за интервју на оваа тема.

Од ДУИ, првично, не добивме никаков одговор. Откако се жалевме пред Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер, партијата ни достави копија од Годишниот финансиски извештај и список со шестмина вработени без да се наведат нивните примања. Испратија и одговор дека лани потрошиле 15 000 евра за униите на жени и млади, но не и објаснување – дали се тоа пари од донации или од буџетот.

„Ние таква поделба не правиме.

Како тогаш јавноста ќе има увид на што се трошат парите од буџетот? На што ги троши парите партијата?

Епа, ви велам, сите пари се слеваат на иста сметка. И тешко е да се направи поделба и не знам како да ја направам таа поделба. Само да карикирам, од буџетов трошиме толку, од донации толку, од членарина, а не е така. Бидејќи ние тие средства кои се акумулирани, тешко е да ги издвоиме дали се потрошени за Унијата на жените или за млади или за партиски активности. На пример, за избори покрај од редовната сметка, префрламе на изборната сметка одреден износ, во зависност од тоа, од предлогот на изборниот штаб и од одлуките на повисоките органи на партијата. Е сега колку тука се потрошени од буџетов, колку од донацииве, таква поделба не правиме“,

потенцира Бејтула Адеми, финансиски директор на ДУИ.

Бејтула Адеми, финансиски директор на ДУИ

На списокот со шестмина вработени во ДУИ, има и две имиња кои кореспондираат со поранешни партиски и државни функционери – Невзат Бејта и Џеват Адеми. За ниту еден вработен немаше подетален опис, кој му е работниот ангажман, а како и кај другите партии – интересно е што никој од раководството не зема плата или хонорар од партијата. Финансискиот директор на ДУИ, чие име е на листата, вели дека раководството не зема никаков надомест од партијата.

„Па, мислам дека на нив доста им е што ги користат партиските коли, што користат партиски телефони, ручеци, вечери, приеми, итн. Меѓутоа плати примаат на други места. Претседателот е пратеник, покрај другото,“

вели Адеми.

Сличен одговор како од ДУИ, барем по содржина, добивме и од ВМРО-ДПМНЕ. Од опозициската партија доставија список со 27 вработени лица кои лани земале плата од партијата, но без да ја наведат висината на секоја поединечна плата. На списокот го нема ниту претседателот Христијан Мицкоски ниту други од потесното раководство.

Потпретседателката на партијата Гордана Димитриеска Кочоска вели дека имињата на вработените се јавен податок, но нивните лични примиња ги сметаат за личен податок, иако се плаќаат од буџетот.

„Тоа се деловни тајни. Ние не сме администрација и немаме дефинирано коефициенти. Генерално, можам да кажам дека сите вработени се скоро на минимална плата или се движат околу минималната плата. Можете износот кој го имаме за плати да го поделите на 12 месеци, да го поделите на 27 вработени, ќе видите колку е просечната плата на вработение во ВМРО-ДПМНЕ,“

вели потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска-Кочоска.

Гордана Димитриеска-Кочоска, потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ

А зошто раковоството не зема надоместоци од партијата?

„Можеме да зборуваме тука како исклучок за мене како потпретседател на партија и претседателот коишто не примаме никакви надоместоци, да кажеме нашиот ангажман е доброволен. Сите останати се веќе негде анагажирани, односно се во Собранието, генералниот секретар е пратеник во Собранието и тој исто така како и останатите потпретседатели, работи доброволно,“

вели Димитриеска-Кочоска.

За тоа колку пари се трошат на Унијата на жени или на младите, Димитриеска Кочоска вели дека не може да се одговори. И тие, како и другите партии, не следат од кои пари што се плаќа.

„Затоа што ние сме всушност еден правен субјект. Законот не бара да се книжат одвоено тие работи, зашто законот не` ограничува па и да имаме една сметка. Било тоа да се однесува за унијата, или за целата партија. Значи не станува збор за посебни правни субјекти како на пример партиско аналитичкио-истражувачкиот центар, за кој веќе имаме соодветна и поразлична евиденција, затоа што тоа го бара законот,“

објаснува потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ.

Што прават партиите со парите за редовно финансирање, следи Државниот завод за ревизија. Помошничката на државниот ревизор, Татјана Димитровска, вели дека во последните години ревизорите алармираат на опасноста од префрлање пари од редовното финансирање на изборните сметки.

„За оваа состојба, овластениот државен ревизор, известуваме во конечниот ревизорски извештај бидејќи ваквата можност овозможува ризик парите од јавното финансирање на политичките партии да не бидат користени исклчучиво за реализација на целите и програмите на партиите, за што и се регистрираат во судскиот регистар, туку да бидат користени за финансирање на политичките партии учесници во изборната кампања,“

вели помошничката на државниот ревизор Татјана Димитровска.

Татјана Димитровска, помошничка на главниот државен ревизор, ДЗР

Додека ризикот за несоодветна употреба на парите од редовното финансирање останува, Димитровска вели дека има подобрување на планот на транспарентноста.

Напредокот се однесува на исполнување на обврската на партиите – навремено да ги објавуваат финансиските извештаи и регистрите за донации. Но, и со напредок, половина од вкупно 64 партии паѓаат на тестот за транспарентност. Казната е стопирање на парите од буџетот кои ги исплаќа Министерството за правда.

По преземни мерки за нивна суспензија, симнати забрани по исполнети обврски се 14. Што значи дека и тоа како таа репресивна улога, да ја кажеме, на Министерството за правда, вродува со плод бидејќи никој не сака да ги изгуби парите од државата наменети за реализација на своите цели и програми“,

Дали на списокот се најголемите политички партии?

Не. Во оваа бројка од 21 најчесто станува збор за помали политички партии кои во најголем дел не се запознаени со законските обврсаки по кои треба да постапуваат“,

додава Димитровска.

Сепак, дури и сите партии да почнат редовно да ги објавуваат годишните сметки и регистарот на донации, тоа не би помогнало да се одговорат прашањата од почетокот на оваа сторија, кои им ги поставивме на партиите. Едноставно, законската регулатива е таква, па не можат да разделат, на пример, колку од платата на возачот на лидерот на некоја партија е од донации, а колку од државниот буџет.

Барање за слободен пристап до информации од јавен каракатер испратено до ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците

Од ДУИ велат – би помогнало ако трансферот на парите од буџетот се прави на посебна сметка.

Ќе знаеш точно кога би биле во посебни сметки. Како што знаеш точно за аналитичкиот центар или за изворната сметка. И за ова би знаеле точно кога би биле во посебна сметка“,

вели Адеми.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, повикуваат да се донесе образец кој ќе биде далеку подетален од оној што партиите го пополнуваат сега. Потпретседателката Димитриеска-Кочоска вели дека од нивен интерес е да бидат потранспарентни.

„Тоа упатство како се пополнува годишниот извештај го подготвува Министерството за финансии. Секако дека таму може да има одредени измени. Морам да напоменам уште една работа. Ако го погледнете законот и упатството ќе видите дека обврска е на министерството за финансии еднаш годишно да обавува обуки, јас во исто време откако сум претседател на Комисијат за надзор и финансиско работење, ниту еднаш не сум повикана во министерството на било каква обука поврзана со овие извештаи“,

вели Димитроска-Кочоска.

Сумирано – што покажа нашиот тест? Работите мрднале од мртва точка и партиите разбираат дека не можат да молчат кога ќе им бидат побарани информации за парите што ги добиваат од буџетот. Но, очигледно е и дека има уште многу простор за напредок.

Научивме или можеби потврдивме дека во партиите за плата работат пониски структури. Раководството живее или од државна функција или од надеж дека по нова тура изборни карвани – ќе има фотелја и за нив.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Признаа: Маските беа наметнати без никакви докази

Следно

Голем број загинати во израелските напади на Појасот Газа во текот на ноќта

Latest from Blog