(ВИДЕО) Ковачевски во 360°: Зошто ги свика Извршниот и Централниот одбор на СДСМ?

3 mins read

На седниците на ИО и ЦО на СДСМ вечерва Ковачевски ќе ги презентира сите детали од лидерската со Мицкоски на која на маса беа неколку предлози, за што тој вели дека сите понуди од ВМРО-ДПМНЕ се прифатени, вклучително и влада без ДУИ

Премиерот Димитар Ковачевски во интервју за „360 степени“, кое ќе се емитува вечерва од 22:15 часот на ТВ Алсат, вели дека Централниот и Извршниот одбор на СДСМ ги свикал за да го информира партиското раководство за она што се случувало на лидерската и дијаметрално променетото мислење за уставните измени на опозициската партија.

„Лидерската покажа дека има дијаметрално променето мислење на партијата ВМРО-ДПМНЕ искажана преку јавната изјава на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на самата прес-конференција, што дава нова динамика на политичката сцена во државата. Сметам дека за тоа треба да бидат информирани и ИО и ЦО на СДСМ исто како што пред лидерската средба, знаете дека имав состанок и на ИО и ЦО и со коалициските партнери, на кои средби информирав во однос на наредните чекори кои се однесуваат на исполнување на оваа наша обврска“,

одговори Ковачевски на прашањето зошто ги свикува ИО и ЦО со оглед дека лидерската заврши без договор.

Ковачевски во интервјуто кажа дека не се согласува со констатацијата дека барањата што ги изнел Мицкоски на лидерската се одбиени. Сите, вели премиерот, се прифатени, вклучително и влада без ДУИ.

„На ИО и ЦО ќе бидат презентирани сите детали кои јавно беа соопштение на прес-конференцијата бидејќи не би се сложил со вашата констатација дека предлозите се одбиени. Сите предлози кои ги имаше ВМРО-ДПМНЕ се прифатени, па дури и предлогот што го имаа во однос на ДУИ прифатен од страна на ДУИ со нивно соопштение. Така што сите барања се исполнети“,

рече Ковачевски.

На констатацијата дека не е мала разликата во тоа што ДУИ вели оти е подготвена да не биде во Владата, но откако ќе бидат изгласани и уставните измени ќе стапат во сила, а условот на ВМРО-ДПМНЕ е да се гласаат уставните измени, но влегувањето во сила да биде одложено до влезот на земјава во ЕУ, премиерот е оптимист – вели дека со промената на ставот на опозициската партија не постои најголемата разлика.

„Прво, најголема разлика, која веќе не постои, беше обвинувањето и реториката на ВМРО-ДПМНЕ дека се прави бугаризација, асимилација, дека се нарушува идентитетот итн. на македонскиот народ со внесувањето на деловите од бугарскиот народ во Преамбулата на нашиот Устав. Цела година од почетокот на усвојувањето на францускиот предлог беше таа реторика, за после лидерската средба сите да се уверат дека тоа веќе е променет став, кој е јавно искажан и уште еднаш на телевизиско интервју на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, со што веќе не постои – според ВМРО-ДПМНЕ, а никогаш не ни постоела таа опасност“,

рече премиерот.

За потсетување, лидерската средба помеѓу Ковачевски и Мицкоски се одржа пред два дена (7 јуни) и на неа беа разгледувани неколку предлози од двете страни.

Еден од предлозите на премиерот беше да се изгласаат уставните измени и да се оди на избори, додека вториот се однесува на влез на ВМРО-ДПМНЕ во Владата.

„Предложив да го изгласаме отворањето на Уставот и веднаш утредента ВМРО-ДПМНЕ да влезе во Владата, при што СДСМ ќе ослободи половина од своите места за претставници на ВМРО-ДПМНЕ“,

рече Ковачевски.

Таа влада, според него, ќе го спроведе процесот на уставни измени, ќе го заврши скрининг-процесот кој е во тек, ќе ги отвори поглавјата од преговорите, а зависно од динамиката може и да затвори едно или две поглавја.

„Дополнително, истата таа влада ќе може да ги организира и следните избори. На тоа додадов – уставните измени кои ќе се донесат во своите завршни и преодни одредби да имаат одредба со која важат во моментот на одржување на втората меѓувладина конференција која е закажана без никакво одложување“,

рече Ковачевски.

Мицкоски, пак, возвратил со изменета понуда – ДУИ да не е во таа влада, а уставните измени да важат откако во парламентите на земјите членки на ЕУ ќе почне ратификацијата на пристапниот договор на земјава во Унијата.

„Од моја страна беше даден следниот одговор – во ред, ја разбирам понудата и за неа го имам следниот став, ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да влезе во влада со СДСМ и со другите политички партии, но без учество во владата на ДУИ. ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да учествува во неа со тоа што избори подготвува техничка влада, а не оваа влада, 100 дена пред одржувањето на тие избори. А, евентуалните уставни измени да важат денот кога ќе отпочне ратификацијата на пристапниот протокол на Македонија во рамките ЕУ од парламентите на 27-те земји членки“,

рече Мицкоски на прес-конференцијата по лидерската средба.

На ова, дента веднаш се огласи и ДУИ – се согласува да не биде во владата, но откако ќе се изгласаат и уставните измени ќе стапат во сила.

„ДУИ е подготвена да поддржи влада без ДУИ до избори доколку опозицијата ги поддржи уставните измени и тие стапат во сила пред формирањето на таа влада. Европската иднина на граѓаните е пред сè“,

гласи ставот на интегративците што партискиот портпарол Бујар Османи го објави на Фејсбук.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Начинот на кој ја покриваа пандемијата ги потона CNN

Следно

Путин: Украина започна контраофанзива, но e неуспешна

Latest from Blog