Утре, 11 септември, во Гевгелија започнува четвртото издание на гастрономско-музичкиот фестивал „Taste the South“. Во текот на три фестивалски дена, посетителите ќе имаат можност да уживаат во традиционални вкусови, локални гастрономски производи, вина, музика и програма наменета за сите генерации.

Годинешното издание ќе се одржи на нова локација – во Mega Shopping Park во Гевгелија. Фестивалот ќе започне утре во 18:30 часот, а програмата во петок и сабота ќе трае до 01:00 часот по полноќ. Во недела, содржините ќе започнат во 14:00 часот и ќе продолжат до полноќ.
„Taste the South“ четврта година по ред ги обединува гастрономската традиција, локалните производители, културното наследство и музиката во единствено фестивалско доживување. Секој фестивалски ден ќе биде посветен на различен препознатлив вкус од југот. Во петок, посетителите ќе можат да ја проследат подготовката и да дегустираат домашен ајвар. Саботата ќе биде посветена на смоквите и производите од нив, додека во недела ќе се одржи дегустација на традиционална ракија.
Во фестивалската понуда ќе учествуваат и локални производители и винарии, кои пред посетителите ќе претстават избор на производи и вина. На тој начин, фестивалот ја промовира автентичната гастрономија на гевгелискиот регион и го доближува неговото културно и кулинарско наследство до домашните и странските посетители.
Петок, 11 септември
Музичката програма ќе започне во 18:30 часот со настапите на ЗГУД „Негорци“ од Негорци и ЗГУД „Браќа Толеви“ од Прдејци. Во 19:30 часот ќе настапи Филип Стојанов, во 20:45 часот „Пауза за ракија“, а во 22:10 часот „Куку Леле“. Првата фестивалска вечер ќе ја заокружат „Брас Брадарс“, чиј настап е закажан за 23:50 часот.
Петочната гастрономска програма ќе биде посветена на подготовката и дегустацијата на ајвар.
Сабота, 12 септември
Саботната програма ќе започне во 18:30 часот со КУД „Танец“ од Миравци. Во 19:15 часот ќе настапи „Леге Артис“, а во 20:15 часот Кико Болеро и „Болеро бенд“. Во 21:30 часот на сцената ќе се појави „Нокаут“, додека вечерта ќе продолжи со настапот на Игор Џамбазов и „Гуру Харе“ од 23:15 часот.
Вториот фестивалски ден ќе ги стави во фокус смоквите и локалните специјалитети подготвени од нив.
Недела, 13 септември
Последниот фестивалски ден ќе понуди програма за малите и за големите. Во 14:00 часот ќе настапи Школото за гитари при Пионерскиот дом, а во 15:00 часот Школата за тапани при Пионерскиот дом. Во 17:00 часот следува настапот на Ансамбл „Бојмија“, а во 17:45 часот ќе настапи „Мистик“.
Во 18:30 часот ќе започне Интернационалниот детски музички фестивал „Калинка“. Вечерната програма продолжува со Наталија Данаилова во 19:45 часот, „Два Бона“ во 21:00 часот и Каролина Гочева во 22:30 часот.
Неделата ќе биде посветена на традиционалната ракија, со дегустација и гастрономски содржини, како и целодневна забава за посетителите од сите возрасти.
Низ тридневната програма, публиката ќе ја водат „Диверзија“ и Марко „Дај побрзај“.
Со спојот на храната, виното, традицијата и музиката, „Taste the South“ продолжува да ја претставува Гевгелија како гостопримлива дестинација со препознатлива јужна енергија и автентична фестивалска понуда.
„Taste the South“ ќе се одржи од 11 до 13 септември 2026 година во Mega Shopping Park, Гевгелија.
Фестивалот е бренд на Општина Гевгелија.

