Градоначалникот на Општина Пробиштип, Тони Тоневски, информираше дека манифестацијата „Зелникот на баба“ годинава ги надминала сите очекувања, привлекувајќи повеќе од 8.000 посетители.

Според него, мирисот на тазе печен зелник и звукот на македонската песна создале посебна атмосфера, обединувајќи љубители на традицијата од цела држава, како и гости од соседните земји.

„Горди сме што успеавме на едно место да ги собереме сите оние кои ја сакаат и ја негуваат традицијата. Ви благодариме што дојдовте во толкав број да му оддадеме почит на трудот на нашите баби и на вкусовите кои нè потсетуваат на домот. Вашата поддршка е доказ дека традицијата е жива и се пренесува со љубов“, истакна Тоневски.
Тој упати благодарност до сите посетители, како и до мајсторите на зелникот и организаторите кои придонеле настанот да добие посебен белег.

Од Општина Пробиштип најавуваат дека манифестацијата ќе продолжи и во наредните години, со уште побогата програма и поголем број учесници.


