Тешка борба за Соледар: „Градот веќе ја исполни својата главна улога“

January 13, 2023
3 mins read

Руската ултранационалистичка паравоена група „Вагнер“, предводена од сојузник на претседателот Владимир Путин, тврдеше дека го освоила Соледар по интензивните борби што го оставија градот преполн со мртви Украинци. Москва, сепак, допрва треба официјално да ја објави победата во Соледар, што ќе беше нејзина прва голема победа во последните шест месеци

Украина објави дека нејзините војници им се спротивставуваат на руските сили во Соледар, на истокот на земјата, додека повеќе од 500 цивили, меѓу кои и деца, сè уште се во градот.

Во видеообраќањето во четвртокот, украинскиот претседател Володимир Зеленски им се заблагодари на двете единици во Соледар, за кои рече дека ги држат своите позиции и му нанесуваат значителни загуби на непријателот. Тој не соопшти повеќе детали.

Зеленски рече дека разговарал со високите украински команданти за потребата од засилување на војниците во Соледар и околните градови во источната индустриска област позната како Донбас, како и за следните чекори во наредните денови.

Руската ултранационалистичка паравоена група „Вагнер“, предводена од сојузник на претседателот Владимир Путин, тврдеше дека го освоила Соледар по интензивните борби што го оставија градот преполн со мртви Украинци. Москва, сепак, допрва треба официјално да ја објави победата во Соледар, што ќе беше нејзина прва голема победа во последните шест месеци.

„Во моментов има уште некои мали џебови на отпор во Соледар“,

рече Андреј Баевски, руски локален политичар, во емисија која се пренесува на интернет.

Гувернерот на Донецк, Павло Кириленко, изјави за украинската државна телевизија дека 559 цивили останале во Соледар, меѓу кои 15 деца, и дека не може да се евакуираат од градот кој пред војната имаше околу 10 000 жители.

Снимката со дрон од медицинската евакуација на украинските војници од Соледар, до која дојде Ројтерс, покажува напуштени улици со само неколку уништени згради кои стојат меѓу разнесените дрвја и урнатините. Еден 24-годишен украински војник стациониран надвор од Соледар рече:

„Ситуацијата е тешка, но стабилна. Ние го задржуваме непријателот… возвраќаме“.

Американските власти го доведуваат во прашање значењето на руската победа кај Соледар, дури и ако е вистина. Соледар се наоѓа на помалку од 10 километри североисточно од градот Бахмут, каде што борбите беснееја со месеци во една од најкрвавите битки во војната.

„Дури и Бахмут и Соледар да паднат во руски раце, тоа нема да има стратегиско влијание врз самата војна. Тоа сигурно нема да ги запре Украинците или да ги забави“,

изјави за новинарите во Белата куќа портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби.

Намален притисок врз Бахмут

Украинскиот аналитичар Олександр Коваленко рече дека битката за Соледар го намали притисокот врз стратегиски поважниот град Бахмут.

„Соледар веќе ја исполни својата главна улога – привлече голема количина руски ресурси што беа уништени таму“,

рече тој на медиумската страница nv.ua.

Коваленко рече дека рудниците за сол лоцирани во Соледар може да се покажат профитабилни за Русија доколку нејзините сили успеат да го освојат градот. Тој рече дека украинските сили го контролираат југозападниот дел и центарот на Соледар, но предупреди дека одржувањето на оваа контрола доаѓа по цена на човечки животи.

Московската инвазија на Украина во февруари, најголемата копнена војна во Европа од Втората светска војна, резултираше со повеќе од 50 000 извештаи за наводни воени злосторства, рече главниот украински обвинител за воени злосторства Јуриј Белоусов.

Москва вели дека спроведува „специјална воена операција“ во Украина за да ја заштити безбедноста на Русија и негира дека извршила воени злосторства или дека целела на цивили. Москва, пак, ја обвинува Украина за воени злосторства, а Западот дека ги игнорира.

Обединетите нации објавија во ноември дека пронашле докази дека двете страни мачеле воени заробеници.

Низ Украина, борбените линии едвај се поместија од последното големо повлекување на Русија на југот пред два месеци. Киев се надева дека тешкото оклопно оружје на неговите западни сојузници ќе му овозможи да продолжи со напредувањето.

Западните земји почнаа да му нудат на Киев напредно оружје како што е софистицираниот американски ракетен систем Патриот. Соединетите држави, Германија и Франција минатата недела ветија дека ќе купат оклопни борбени возила, а најновите барања на Украина се за борбени тенкови.

Полскиот претседател Анджеј Дуда и вети на Украина 14 борбени тенкови Леопард од германско производство. Зеленски изјави за полската државна телевизија ТВП Инфо дека ова може да го отвори патот за другите земји да го сторат истото. И Британија размислува да испрати тенкови.

Извор: 360stepeni.mk

VERO JUMBO

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

Скопјанка касната од куче во Ѓорче Петров

Следно

Укината железничката линија Скопје-Табановце

Latest from Blog

УЕФА го објави распоредот: Реал – Интер, Ливерпул – Атлетико на отворањето на новата сезона на ЛШ

Новата сезона во Лигата на шампионите ќе започне со неколку големи европски пресметки, откако УЕФА денеска го објави распоредот за главната фаза. Во првото коло, на 8 септември, Реал Мадрид на „Сантијаго

ВЛЕН до ДУИ: Молчевте кога Албанците беа нарекувани „терористи“, а денес држите лекции

Политичката партија ВЛЕН ја обвини Демократската унија за интеграција (ДУИ) дека повторно се обидува да создаде, како што велат, лажна слика во јавноста преку манипулации и извртување на фактите. Од ВЛЕН велат

Трамп склучи голем нафтен договор со Венецуела

Тој го нарече „најголемиот договор за нафта во историјата на светот“. Трамп напиша на Truth Social дека договорот е преговаран, по негова насока, од страна на американскиот државен секретар Марко Рубио, секретарот

АНЃУШЕВ ЗА BLOOMBERG: МАКЕДОНИЈА МОЖЕ ДА ЈА СКЛАДИРА ЕВТИНАТА СТРУЈА ВО БАТЕРИИ И ДА ЈА ИЗВЕЗУВА КОГА ЦЕНИТЕ СЕ ПОВИСОКИ

Македонија треба забрзано да ги зголемува капацитетите за складирање електрична енергија преку инсталирање повеќе батериски системи, со што ќе може да ја складира струјата во периодите кога е евтина, а да ја

Димитриеска-Кочоска: Го зајакнуваме системот за контрола и одговорно управување со јавните средства

29 август 2026 година, Скопје – Силните институции и одговорното управување со јавните средства се темел на довербата на граѓаните, а ревизијата е еден од клучните механизми за обезбедување контрола, отчетност и спречување
Go toTop