Селекторот на македонската репрезентација до 21 година, Александар Таневски, упати благодарност до Битола и до навивачите за поддршката која ја доби репрезентацијата на вчерашниот натпревар.
Таневски истакна дека атмосферата од трибините им дала дополнителна енергија на фудбалерите и дека борбата и желбата на теренот биле возврат на поддршката од публиката.
„Битола, благодарам! Голема благодарност до градот Битола и до сите навивачи кои вчера беа на стадионот и ни ја дадоа својата огромна поддршка.
Ја почувствувавме вашата енергија, вашата поддршка и верувам дека и вие ја почувствувавте нашата борба, желба и енергија на теренот.
Битола уште еднаш покажа дека е вистински фудбалски град!“, порача Таневски.
Селекторот најави дека репрезентацијата на следниот натпревар во Битола ќе се обиде да им возврати на навивачите со победа.
„Следниот пат кога ќе играме тука, ќе дадеме сè од себе да ве израдуваме со победа!
Благодарам, Битола! Благодарам, Македонија!“, порача Таневски.

