Статистика со одредена доза мистика

August 12, 2026
3 mins read

Податоците за стапката на невработеност во земјите од Г20 како повод за наша економска опсервација. Според најновата компаративна анализа на РИА Новости, Русија има најниска стапка на невработеност меѓу земјите од Г20 на крајот од првиот квартал годинава, со 2,2 отсто, непроменета во однос на крајот на минатата година. На второто место е Мексико со 2,4 отсто, додека третата позиција ја делат Јапонија и Јужна Кореја со по 2,7 отсто невработеност, при што Јапонија бележи благ пораст, а Јужна Кореја значително намалување на стапката. По трагата на оваа информација и анализа, направивме краток осврт на некои фактори што влијаат на ваквата фактичка состојба, на кои за читателите на „Нова Македонија“ ни обрнаа внимание неколку искусни економски аналитичари
На прв поглед, бројките звучат импресивно. Русија со стапка на невработеност од околу 2,2 oтсто, Мексико со 2,4 отсто, а веднаш зад нив Јапонија и Јужна Кореја со 2,7 отсто. На спротивниот крај на табелата, драматична слика во Јужна Африка со над 30-отстотна невработеност.

Овие податоци не се само статистика. Тие се огледало на длабоки структурни разлики меѓу економиите, нивните политики и социјалните модели. Но нашите соговорници го отвораат и прашањето за тоа дали ниската невработеност секогаш значи здрава економија и, обратно, дали високата невработеност секогаш значи неуспех. Одговорот е многу покомплексен отколку што очекувавме.

Табелата на Г20 – поделба на три подгрупи по основ на невработеност

Според нашите соговорници, ако се направи глобален пресек на земјите од Г20, јасно се гледа поделба на три групи:

1. Земји со екстремно ниска невработеност (2–3 отсто)

• Русија
• Мексико
• Јапонија
• Јужна Кореја

2. Средна група (4–7 отсто)

• САД
• Германија
• Велика Британија
• Канада

3. Висока невработеност (над 7 отсто)

• Франција
• Турција
• Јужна Африка

Според соговорниците, оваа поделба открива една клучна вистина. Имено, дека невработеноста не зависи само од економскиот раст туку и од структурата на пазарот на трудот, демографијата и политиките на државата.

Цената на невработеноста во Русија

Според соговорниците, фактот дека Русија има најниска невработеност во Г20 отвора сериозни дилеми. Експертите со кои разговаравме посочуваат неколку причини. Прво, демографски пад, односно намалување на работоспособното население. Второ, тие ги издвоија мобилизацијата и воената економија со повлекување работна сила од цивилниот сектор. Трето, беше подвлечен факторот на државна интервенција и субвенционирање работни места. И најпосле соговорниците ја издвоија и скриената невработеност, т.е. луѓе формално вработени, но со ниска продуктивност. Со други зборови, ниската стапка не секогаш значи динамичен пазар, туку понекогаш и негово „замрзнување“, велат нашите соговорници.

Јапонскиот модел: стабилност без раст

Јапонија со децении има ниска невработеност. Но зад тоа стои специфичен модел. Експертите го издвојуваат системот на доживотно вработување, потоа силната корпоративна култура, како и ниската мобилност на работниците. Овој систем создава стабилност, но и ограничува иновации и флексибилност.

Јужна Кореја: динамика и трансформација

Економските експерти што ни ја анализираа светската табела на невработеност коментираа дека Јужна Кореја успеа да ја намали невработеноста преку агресивни индустриски политики, инвестиции во технологија и силна извозно ориентирана економија. Но младинската невработеност останува предизвик, што е доказ дека агрегатните бројки не ја кажуваат целата приказна.

Европа: висок стандард, но и висока невработеност

Во разговорот експертите истакнуваат за Европа, особено за земји како што е Франција, дека има силна заштита на работниците, но има и високи даноци и крути пазари на трудот, поради што ова води до парадокс. Имено, ова води кон социјална сигурност, но и тешкотии за влез на нови работници.

Јужна Африка пример за структурна криза

Со над 30-отстотна невработеност, Јужна Африка е екстремен случај. Причините се длабоки, и тоа нееднаквост, слаб образовен систем, структурна зависност од ограничени индустрии, како и некои историски фактори.
Ова е пример дека невработеноста не е само економски туку и социјален проблем.

Што значи ниска не вработеност одекономска гледна точка?

Според нашите соговорници, ниската невработеност обично сигнализира силна економска активност, потоа висок степен на искористување на работната сила и, секако, потенцијален притисок врз платите. Но ако стапката на невработеност е премногу ниска, може да доведе до недостиг од работници, па и инфлација и пад на продуктивноста. Затоа економистите зборуваат за „природна стапка на невработеност“, односно за баланс меѓу стабилност и раст.

Механизми за висока вработеност

Според економистите, земјите со ниска невработеност користат комбинација од политики, и тоа активни политики на пазарот на трудот, потоа обуки и преквалификации и, во тој контекст, субвенции за вработување. Натаму, соговорниците истакнуваат уште една алатка во мозаикот на висока стапка на вработеност, а тоа се флексибилни работни односи (полесно вработување и отпуштање, договори со скратено работно време итн.).
За издвојување е и соодветната т.н. индустриска стратегија за поддршка на клучни сектори и за стимули за извоз.
Експертите ги акцентираат како битни во овој комплекс прашања и демографски политики, односно миграцијата, како и зголемувањето на учеството на жените во пазарот на трудот. И на крајот, се разбира дека исклучително важен фактор за стапката на вработување се образованието и вештините, како и усогласувањето на образованието со пазарот.

Скриената страна на статистиката

Според соговорниците, важно е да се разбере дека невработеноста не ги мери квалитетот на работните места, висината на платите и неформалната (сива) економија. На пример, во Мексико ниската невработеност делумно се должи на големата неформална економија.

Бројките не се доволни

Глобалната табела за невработеност покажува една јасна порака. Имено, ниската невработеност, според економските аналитичари, не е сама по себе доказ за успех. Вистинското прашање е какви се тие работни места, колку се продуктивни и дали економијата создава долгорочна вредност.
– Во свет во кој економиите се соочуваат со технолошки промени, демографски шокови и геополитички тензии, пазарот на труд станува клучно бојно поле. А бројките? Тие се само почеток на приказната – поентираат на крајот од разговорот нашите соработници и соговорници.

Извор: zurnal.mk

VERO marketi

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

Официјално: Чави е нов селектор на Холандија!(ФОТО)

Latest from Blog

Неславен рекорд на Владимир Путин

Јули беше исто така четвртиот најефикасен месец за украинските сили во однос на загубите на руски персонал од почетокот на целосната руска инвазија. Генералштабот на Украина проценува дека вкупните загуби на руски

Официјално: Далиќ е нов селектор на ОАЕ (ВИДЕО)

фото: MugFPL @PandaNoComply (X) Сега е веќе официјално. Она што беше најавено пред неколку недели, денес е официјализирано. Златко Далиќ е новиот тренер на фудбалската репрезентација на Обединетите Арапски Емирати. Денес, фудбалската

Трамп вложува 3 милијарди долари во рударството: САД се враќаат како минерална суперсила

 Од целиот пакет, една милијарда долари ќе биде вложена во проект за ископ на бакар.  Трамп порача дека рударството повторно станува државен приоритет и дека САД сакаат да ја вратат позицијата на
Go toTop