Швајцарија ги менува правилата за извоз на оружје, пензискиот ДДВ не доби поддршка, ниту оданочувањето на брачните двојки

November 29, 2026
1 min read

Швајцарците на денешниот референдум со тесно мнозинство го поддржаа ублажувањето на прописите за извоз на оружје, покажуваат првичните проекции објавени по затворањето на избирачките места, пренесува швајцарската телевизија СРФ.

Според проекциите на институтот за анкети „gfs.bern“, 54 проценти од гласачите се изјасниле за измени на законот.

Доколку проекциите бидат официјално потврдени, одлуката ќе претставува олеснување за поддржувачите на измените, кои сметаат дека досегашниот закон ѝ нанесува штета на домашната воена индустрија и на одбранбената соработка со европските соседи.

Швајцарската федерална влада и другите поддржувачи на предлогот оценија дека е потребна правна реформа за зајакнување на одбранбената индустрија и армијата.

Критичарите, пак, предупредуваа дека ублажувањето на строгите правила би можело да им го олесни пристапот до швајцарско оружје на екстремистичките групи.

Парламентот со години се залага за ублажување на ограничувањата за извоз на швајцарска воена опрема, со образложение дека тоа ќе ѝ помогне на одбранбената индустрија да остане конкурентна, што би придонело и за одбраната на земјата.

Според досегашните прописи, земјите што добиваат швајцарска воена опрема мора да се согласат дека нема да ја испраќаат во конфликтни зони без претходно одобрение.

Со предложените измени, таквото одобрение повеќе нема да биде задолжително.

Владата, исто така, би можела да одобри испорака на оружје на „партнерска држава“ вклучена во оружен конфликт, доколку тоа е во согласност со швајцарските надворешнополитички и безбедносни интереси. Предвидени се и исклучоци во контролата на извозот.

Ублажувањето на прописите не би се однесувало на Украина, која и натаму би била исклучена од можноста директно или индиректно да добива швајцарска воена опрема.

Граѓаните на Швајцарија денеска се изјаснуваа и за дополнително финансирање на пензиите преку зголемување на данокот на додадена вредност (ДДВ), за ограничување на огнометите и за оданочување на брачните парови.

Според првичните проекции, гласачите ја поддржале иницијативата за ограничување на огнометите, со која се бара забрана за продажба и употреба на материјали за огномет што создаваат бучава, со исклучок на настани од регионално значење.

За предлогот гласале 61 процент од излезените гласачи, пренесува СРФ.

Проекциите, исто така, покажуваат дека гласачите ги отфрлиле уставните измени потребни за зголемување на ДДВ за финансирање на исплатата на 13-та старосна пензија.

Со предложените измени, се предлагаше стандардната стапка на ДДВ да се зголеми за 0,4 процентни поени, на 8,5 проценти.

Тринаесеттата пензија ќе биде исплатена за првпат кон крајот на 2026 година, независно од резултатот на референдумот, јави СРФ.

Според проекциите, со 59 проценти гласови „против“ била отфрлена и иницијативата за заедничко федерално оданочување на брачните парови.

Извор: nezavisen.mk

Целиот текст прочитајте го тука

VERO JUMBO

EVN MACEDONIA

MATINA DENTAL CLINIC

AUTO SHKOLLA BEKO

Претходно

Столе и Валенсија само со домашен бод против Осасуна

Latest from Blog

ВМРО-ДПМНЕ го осуди сквернавењето на македонското знаме во Гостивар

ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудува симнувањето и сквернавењето на македонското знаме во Гостивар. Македонското знаме е државен симбол и секое негово непочитување треба да биде веднаш санкционирано, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ

Пожар избувна во рафинерија на компанијата „Шеврон“ близу аеродромот во Лос Анџелес- причината е силен земјотрес

Градот Ел Сегундо соопшти дека рафинеријата спровела безбедносно палење на вишокот гас, што е стандардна процедура за време на прекини во производството, вклучително и земјотреси, објави „Калифорнија пост“. Во инцидентот не се
Go toTop