Северна Македонија пред одлука да ѝ донира 12 хеликоптери на Украина

3 mins read

По одлуката за донација на хеликоптерите кои се од руско производство, се очекува набавка на нови за нашата армија кои ќе бидат на западна платформа

Хеликоптерите „ми-24“, кои веројатно ќе ги донираме, се наменети за противоклопна борба, блиска огнена поддршка, дејство против жива сила итн. Се користат и за превоз на војници и превезување ранети

Хеликоптер „ми-24“ / Извор: Армија на РСМ

Владата е пред одлуката да ѝ донира хеликоптери на Украина, која побарала ваква помош од земјава.

Ова може да се заклучи од одговорот што Министерството за одбрана го достави до „360 степени“ откако министерката Славјанка Петровска во телевизиски настап пред два дена откри дека на владина седница на 14 март била донесена одлука за нова донација за украинската армија.

Дали во таа одлука за нова воена помош за Украина се вклучени и хеликоптери на военото воздухопловство, е прашањето што го упативме до Министерството. Оттаму посочија дека податокот за последната одлука е класифициран, но според одговорот, донацијата на хеликоптери ќе биде дел од следна одлука за уште една донација што се очекува наскоро.

„Одлуката од вторникот за воена помош на Украина е податок кој е класифициран. Ве информираме дека во согласност со побарувањата од украинска страна, во тек е изработка на анализа дали може да се одговори позитивно на нивното барање за донација на хеликоптери. При оваа анализа се земаат предвид плановите наведени во Долгорочниот план за развој на одбранбените способности, според кој се предвидува набавка на нови повеќенаменски хеликоптери кои треба да ги заменат постоечките. Согласно планот за модернизација на Армијата, работи Интегриран проектен тим кој е во фаза на евалуација на понуди од различни производители, за набавка на повеќенаменски хеликоптери за потребите на Армијата, но и за цивилна заштита и спасување“,

велат од Министерството на одбрана.

Неофицијално, одговорот на барањето на Украина речиси извесно ќе биде позитивен, што значи дека на оваа земја ќе ѝ бидат донирани 12 хеликоптери „ми-24“ што во моментов ги поседува македонската армија.

Наскоро се очекува и одлука за тоа какви и колку нови хеликоптери на западна платформа ќе бидат набавени за потребите на нашата армија.

Какви се хеликоптерите „ми-24“

Хеликоптер „ми-24“ / Извор: Армија на РСМ

Хеликоптерите што Северна Македонија веројатно ќе ѝ ги донира на Украина се од руско производство. Според податоците на официјалната веб-страница на Армијата, станува збор за транспортно летало што е наменето за противоклопна борба, блиска огнена поддршка, дејство против жива сила, утврдени цели, како и за превоз на војници и превезување ранети и повредени.

„Ми-24“ лета со екипаж од три лица: прв и втор пилот, како и летач механичар, а има капацитет да собере осум војница и четири носилки.

Хеликоптер „ми-24“ / Извор: Армија на РСМ

Празен тежи 8 680 килограми, може да лета најдолго четири часа и до максимална висина од 4 500 метри, а максималната брзина на искачување му е 14 метри во секунда.

Карактеристики на хеликоптерот „ми-24“ / Извор: Армија на РСМ

Дел од податоците за донираната опрема за Украина се декласифицирани

Минатогодишното лето, Северна Македонија ѝ донираше тенкови на Украина

Од почетокот на руската инвазија на Украина, која започна во февруари лани, Северна Македонија досега има донесено шест одлуки за воена помош за украинската страна. Податоците за донациите се декласифицираа на владината седница што се одржа во вторникот, меѓутоа делумно.

Министерката Славјанка Петровска во гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21 пред два дена посочи дека се декласифицираат информациите во делот на тоа каков вид опрема сме донирале, но не и нејзиниот број со оглед дека сега таа опрема е дел од капацитетите на украинската армија.

„Донациите се состојат во пешадиско вооружување и муниција, артилериска опрема, тенкови кои веќе еднаш ги потврдивме, воздухоплови или познатите авиони ‘сухои’, средства и опрема за водење на противоклопна борба, опрема за противвоздушна одбрана и опрема и муниција на военото воздухопловство, како и интендантски материјални средства“,

рече Петровска во телевизиското гостување.

Сета донирана опрема е од источно производство која Армијата, всушност, и не ја користи туку стои во нејзините магацини и не е дел од армиската формација.

„Со донирањето на сета претходно донирана опрема не се нарушува борбената готовност на нашата Армија“,

потенцира Петровска.

Една од досегашните донации кои предизвикаа најмногу внимание во јавноста беше донацијата на тенковите Т-72 во јули минатата година.

Тие беа дел од тенковскиот баталјон на Армијата за кој е планирано да биде расформиран, а од Министерството за одбрана тогаш потенцираа и дека станува збор за „трета генерација тенкови кои со развојот на технологијата за неколку години би биле неконкурентни и некомпатибилни со нашите побарувања за снабдување со западна платформа“.

Јавна благодарница тогаш упати Михајло Подољак, главниот советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој во порака на македонски јазик порача дека пријателот се познава во неволја и оти многу народи се спремни да покажат повеќе храброст од половина од земјите од Групацијата 20 најмоќни држави (Г-20), односно „како Северна Македонија која ѝ пружа помош на Украина“.

Москва тогаш реагираше со остри тонови велејќи дека властите во Северна Македонија прават голема грешна. Портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, го обвини Скопје дека учествува во снабдувањето со оружје на Украина и дека со тоа „придонесува за криминалната активност на режимот на Киев“.

Министерствата за одбрана и за надворешни работи на Северна Македонија, пак, во заеднички одговор порачаа дека земјава е суверена држава која своите одлуки ги носи самостојно и ја потсетија Захарова дека тоа го прави „водејќи се од принципите на почитување на меѓународното право, Повелбата на ООН, принципите и заложбите на ОБСЕ за заштита на европската безбедносна архитектура и глобалната стабилност“.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

ФФМ ги пушти во продажба билетите за натпреварите со Малта и со Фарски Острови

Следно

Земјотрес со интензитет од 4,8 степени ја потресе турската област Болу

Latest from Blog