Ристоска ги разбранува духовите во Советот на јавни обвинители: Ќе се проверува дали со нејзината изјава го повредила етичкиот кодекс на ЈО

3 mins read

Дискусијата за Ристоска била отворена и покрај тоа што не била на дневен ред на денешната седница бидејќи, како што изјави Јолевски, не можеле да знаат дека таа пред два дена ќе излезе со такви изјави. Тој рече дека откако ќе го добијат мислењето од Етичкиот совет, Советот на јавни обвинители ќе закаже посебна седница на која ќе донесе конкретна одлука

Обвинителката од ОЈО Скопје, Ленче Ристоска, во вторникот изјави дека Советот на јавни обвинители треба да се реформира и да се разгледа опцијата да биде ад хок тело кое ќе се состанува по потреба. Како што изјави таа, ова тело од формирањето во 2008 досега потфрли во исполнувањето на примарната функција, професионализација на ЈО и изолирање на политички и други влијанија при избори и разрешување на обвинителите.

Изјавата на обвинителката Ленче Ристоска во која таа побара реформа на Советот на јавни обвинители и обвини дека тоа е извор на тргување со влијание, ги разбуди духовите во Советот кој на денешната седница донел заклучок да се обрати до Етичкиот совет на јавните обвинители во врска со нејзините ставови.

Претседателот на Советот на јавни обвинители Антонио Јолевски вели дека ваквиот заклучок е донесен за да се провери дали изјавата на Ристоска е е во согласност со етичкиот кодекс на јавните обвинители.

Претседателот на Советот на јавни обвинители Антонио Јолевски/Фото: Принтскрин

Дискусијата за Ристоска била отворена и покрај тоа што не била на дневен ред на денешната седница бидејќи, како што изјави Јолевски, не можеле да знаат дека таа пред два дена ќе излезе со такви изјави.

„За Ленче Ристоска ние дискутиравме бидејќи не можевме да ја ставиме како точка на дневен ред, ниту знаевме дека во вторникот ќе бидат дадени такви изјави. Меѓутоа, откако ја добивме изјавата, ние дискутиравме во однос на нејзината содржина и дали таа изјава соодветствува со она што е предвидено во етичкиот кодекс на јавните обвинители. Затоа ние оценивме дека таа изјава треба да биде пратена до Етичкиот совет на јавното обвинителство, да истите се произнесат по однос на изјавата, дали има прекршувања на етичкиот кодекс од нејзината страна со давање на таква изјава и откако ќе го добиеме мислењето на Етичкиот совет ние ќе закажеме посебна седница на која ќе донесе конкретна одлука“,

рече Јолевски.

Обвинителката од ОЈО Скопје, Ленче Ристоска, во вторникот изјави дека Советот на јавни обвинители треба да се реформира и да се разгледа опцијата да биде ад хок тело кое ќе се состанува по потреба.

Таа своите ставови ги изнесе како еден од говорниците на конференција посветена за улогата на Судскиот и Советот на јавни обвинители во стекнувањето независност и интегритет во судството, организирана од Националната конвенција за ЕУ во Република Северна Македонија.

Според обвинителката, ова тело од формирањето во 2008 досега потфрли во исполнувањето на примарната функција, професионализација на Јавното обвинителство и изолирање на политички и други влијанија при избори и разрешување на обвинителите.

 „Сè додека членови на Советот на кандидатите што аплицираат за повисоки позиции отворено им кажуваат дека некој треба да се јави за кандидатот да биде избран, јасно е дека Советот е избор на тргување со влијание во обвинителството и затоа сметам дека треба да се реформира. Подоцна, изборот што Советот го прави, креира клиентелистички однос на јавните обвинители кон тие што лобираат за нивниот избор и сето ова неминовно води кон систем што не може да одговори во борбата со корупцијата и организираниот криминал“,

кажа во вторникот Ристоска.

Обвинителката Ленче Ристоска/Фото: ТВ Телма

Коментирајќи ги нејзините наводи, претседателот на Советот на јавни обвинители, пак, вели дека доколку имало такви случаи и такви членови во Советот, Ристоска требало да ги изнесе тие податоци и да понуди конкретни докази, а не да изнесува паушални изјави, кои, како што рече, му штетат на угледот на Советот и на обвинителите.

„Не велиме дека не смее да говори, меѓутоа нека поткрепи со факти ако имало такво нешто, меѓутоа паушалното изнесување веќе штети на угледот. Секој може да каже свое мислење ако смета дека нешто има, меѓутоа таа е јавен обвинител, не може со паушално во јавноста да предизвикуваме сомнеж во работењето и на Советот и на јавните обвинители кои се избирани од овој Совет. Од 2008 наваму се избирани голем број обвинители, дали тоа значи дека сите тие биле избирани под влијание. Ако имало некакво влијание, тоа требало да биде пријавено со конкретно име и презиме, со конкретни докази, бидејќи како обвинител точно треба да ги знае постапките. Не може против некого да изнесуваш нешто, а да не е поткрепено со доказ. Јас не сум тргувал, зошто ме става во ист кош. Ако имало некој таков, јас не сакам да имам тука таков член кој им ветува на кандидати дека ќе бидат избрани“,

вели Јолевски во изјава за медиумите.

Инаку, обвинителката во своето излагање во вторникот рече дека повеќепати се случувало изборите на обвинители да бидат одложувани без конкретно образложение за причините, поради што се создава впечаток во јавноста дека изборот не е слободен. Како пример, таа го посочи и огласот за двајца обвинители во Вишото обвинителство, за кој вели дека повеќе од седум месеци не се одлучува.

Јолевски се осврна и на оваа забелешка на обвинителката Ристоска, велејќи дека тоа е така затоа што токму за неа и за нејзиниот колега Љубомир Лапе немаат добиено извештај за нивната работа.

„Токму за неа и за колегата Лапе ние немаме податок што работат од 2019 година кога се вратени во Основните јавни обвинителства. Овој Совет ги врати во тие јавни обвинителства да продолжат со работа, оттогаш наваму ние немаме податок дали се вратени, односно никој не ни дал податок, ниту, пак, добивме месечен извештај на што воопшто тие постапуваат во овој период. Затоа што во овој период тие и земале плата. Советот треба да знае кога унапредува, зошто унапредува, со резултатите од работењето, не само со оцената. Советот добива месечни извештаи за секој обвинител по име колку предмети сработел, колку има во фиока. За нив немаме извештај“,

рече Јолевски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ:

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Електричар што пие и пијан електричар не е исто

Следно

Повеќе од 1.000 фирми престанаа да работат во Русија

Latest from Blog