Непотизам, партиски или етнички клуч при вработувањето во јавната администрација ја прави неефикасна и неквалификувана да ги услужи граѓаните. Ова е стара болка на администрацијата која со долготраен процес почна да се реформира. Со усвојување на законите за административни службеници и за вработените во јавниот сектор ќе се придонесе за професионализам и вработување и унапредување според заслугите.
Со проект за развој на човечкиот капитал поврзувајќи го образованието на младите со државните институции, ќе се постигне нивно задржување и можност да најдат работа во земјата.
„Ако биде успешен проектот може да служи како модел усогласен со европските стандарди што ќе помогне да се намали политичкото влијание при вработувањето, зајакнување на професионалноста во институциите и задржување на високо квалификуваните млади професионалци во јавната администрација и потенцијално и во приватниот сектор во земјата“, изјави Лејла Ваис од Зип институт.
Целта на реформирањето на администрацијата е да се постигне вработување на квалификувани луѓе на соодветно место, подобра организираност на државната управа и одговорност од високите раководители кои ќе се избираат на јавен оглас, а не од владата.
Извор: zurnal.mk


