Распродадени сефовите за чување оружје во Белград, се прават листи на чекање

3 mins read

По двете масовни убиства кои на почетокот на месецов се случија во основното училиште „Владислав Рибникар“ во белградската населба Врачар и кај Младеновац во кои животите ги загубија 18 лица, како и најавите за построги мерки, побарувачката за сефови за чување оружје е зголемена за 20 отсто

Деновиве во Белград речиси и да нема специјализирана продавница за продажба на сефови за чување на оружје каде може да се купи ваков сеф, бидејќи како што велат за РТС сопственици и трговци, во моментов се распродадени сите резерви.

Сеф за чување оружје/Фото: Принтскрин од прилог на РТС

По двете масовни убиства кои на почетокот на месецов се случија во основното училиште „Владислав Рибникар“ во белградската населба Врачар и кај Младеновац во кои животите ги загубија 18 лица, како и најавите за построги мерки, побарувачката за сефови за чување оружје е зголемена за 20 отсто.

Во некои продавници во Белград веќе имаат листи на чекање кои бројат и по повеќе од 50 луѓе, а дневно се јавуваат и по повеќе од сто заинтересирани лица.

Продавачите, се вели во прилогот на српскиот национален радиодифузен сервис – РТС, за сите имаат идентичен одговор: се што беше достапно е продадено.

„Сите сме во слична ситуација, бидејќи побарувачката е многу голема“,

вели Немања Антиќ од специјализирана продавница за продажба на сефови за чување на оружје.

Според неговите претпоставки, досега се продадени сите резерви на поповолни и поевтини модели на сефови за пиштоли и револвери.

Друг вработен во продавница за оружје наведува дека буквално сè што имале во резерва било продадено за неколку часа.

„Сè што имаа увозниците беше распродадено за два дена, бидејќи никој не очекуваше дека одеднаш ќе бидат потребни толку ормани“,

вели Милан Вуковиќ за РТС.

Мал сеф за чување оружје/Фото: Принтскрин од видео-прилог на РТС

Полиците во продавниците се празни, сведочи репортерот на телевизијата во прилогот, а сефовите за чување оружје веќе ги нема ниту во магаците. Најбарани се помалите сефови за пиштоли, но и малите брави за заклучување на оружјето.

За купување на ваков вид опрема, се наведува во прилогот, според српските закони, не е потребна дозвола, лични податоци на купувачот или доказ за поседување на оружје.

Сепак, со закон е јасно пропишано како мора да се чува оружјето во сеф.

„Имаат посебни фиоки и посебен дел за пушки, и двете се заклучени. Според законот, муницијата би требало да се чува посебно во тие фиоки или прегради. Самото заклучувањето е многу важно. Исто така, многу важно кај сефот е зашрафувањето во ѕид, под или во плакарот“,

вели Антиќ.

Колку чинат сефовите

Од шест продавници, колку што обиколил тимот на РТС, само во една сè уште имало сефови за оружје, но само неколку парчиња.

Подобрите модели имаат посебен дел за муниција рамка, а чинат по неколку илјади евра. Најевтините пак се околу 300 евра.

Од минатата година во Србија продажбата на ормани за оружје е зголемена поради измената на Законот за оружје и муниција, велат упатени соговорници за РТС, а по двата трауматични настани на почетокот на месецов и поради најавата за построги мерки побарувачката сега е зголемена за 20 отсто.

„Тој орман мора да биде од дрво или метал, или од таков материјал што е направен така што оружјето не може лесно да се дофати, односно да не биде лесно достапно. Регулативата налага сефот да биде прицврстен на ѕид, за да не може на пример некој провалник да го одземе целиот орман со оружје“,

објаснува Милан Вуковиќ.

Орманот за чување оружје мора да биде направен од дрво или метал/Фото: Принтскрин

Сефовите обично се направени од челик, не се запаливи и имаат сертификат. Сертификатот е веќе направен при увоз.

Во српскиот Закон за оружје и муниција е дефиниран и преносот на оружје во специјални куфери, а оружјето во сефот мора да се чува на адресата запишана во личната карта.

Никој освен сопственикот не смее да знае каде се клучевите. Бидејќи во моментов нема сефови на пазарот, а побарувачката е голема, се повеќе луѓе избираат да започнат нов бизнис – правење сефови.

Во меѓувреме во тек е кампањата на Министерството за внатрешни работи на Србија за доброволно предавање на нерегистрирано оружје. Акцијата започна на 8 мај и граѓаните на Србија кои нелегално поседуваат оружје ќе можат да го предадат до 8 јуни без да сносат некакви последници, односно да бидат кривично гонети.

Девојчето кое беше тешко рането во масакрот во ОУ „Владислав Рибникар“ во Врачар почина во Универзитетската детска клиника „Тиршова“, соопшти вчера српското Министерство за здравство.

Таа е десеттата жртва во масовното пукање што се случи на 3 мај, кога седмоодделенецот К.К. влезе во „Рибникар“ и пукаше во врсниците и вработените. Тој уби осум ученици и училишниот чувар, а рани уште седуммина.

Дваесет и едногодишниот Урош Б.  Кој се гони за втората трагедија која ја погоди Србија – убиството на осум лица со автоматско оружје и ранувањето на уште 12 други лица на територијата на Смедерово и Младеновац, во доцните вечерни часови на 4 мај, во моментов издржува мерка притвор.

Извор: 360stepeni.mk

Претходно

ОН најавија нови преговори за продолжување на Договорот за извоз на жито преку Црно Море

Следно

Стефано Пиоли ќе добие отказ

Latest from Blog