Градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, денеска остварил средба со амбасадорот на Австралија во Република Србија, со акредитација и за Македонија, Питер Трасвел, почесниот конзул и претставници на Амбасадата на Австралија.
На средбата било разговарано за досегашната соработка меѓу Прилеп и Австралија, како и за можностите за нејзино продлабочување преку нови партнерства и конкретни проекти.
Проданоски посочил дека соработката има традиција уште од 2008 година, кога Општина Прилеп воспоставила формална соработка со тогашниот Town of Vincent – Perth, Western Australia, денес City of Vincent.
„Прилеп има што да понуди, од природните убавини и ресурсите, преку можностите за развој на економијата и туризмот, до богатото културно и историско наследство“, истакнал Проданоски.
Во фокусот на разговорите биле и можностите за економска соработка и привлекување потенцијални австралиски инвестиции. Градоначалникот го претставил Прилеп како општина со економски потенцијал, поволна деловна клима и можности за инвестирање, особено во области поврзани со природните богатства и суровините со кои располага регионот.
На средбата било разговарано и за можностите што ги нуди Direct Aid Program на Амбасадата на Австралија, преку кој се поддржуваат локално иницирани проекти на граѓански организации, невладини организации и други субјекти од граѓанскиот сектор. Посебен акцент бил ставен на зелената транзиција, заштитата на животната средина, учеството на заедницата и развојот на знаењата и можностите за жените и младите во зелената економија.
Од Општина Прилеп посочуваат дека целта е средбата да биде основа за поконкретна соработка, нови партнерства, размена на искуства и отворање можности за економска соработка и инвестиции.


