Во ООМУ „Ордан Михајлоски-Оцка“ во Прилеп денеска се одржа свечен прием на новите ученици за учебната 2026/2027 година. На настанот присуствуваше и градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски.
Оваа учебна година музичкото училиште добива 80 нови ученици, што, според Проданоски, е показател за зголемениот интерес за музичкото образование и значењето на музиката во развојот на младите.
„Општина Прилеп е горда на своето музичко училиште, место каде што со години се откриваат, поттикнуваат и развиваат младите таленти“, порача Проданоски.
Тој на новите ученици им посака успешно музичко патување, исполнето со знаење, нови искуства и успеси, а воедно упати благодарност до наставниот кадар и менаџментот на училиштето за нивната посветеност и професионалност.
Проданоски нагласи дека локалната самоуправа има обврска да им биде поддршка на децата, наставниците и училиштата и да создава услови за квалитетно образование и развој на потенцијалите на младите.
„Музиката ги учи децата на дисциплина, ја поттикнува нивната креативност и самодоверба и им помага да растат во вредни, одговорни и успешни млади луѓе“, истакна градоначалникот.
На учениците, наставниците и родителите им посака успешна и исполнета учебна година, со многу знаење, убави моменти и нови достигнувања.

