Претставници на бугарските организации во земјава од Османи побарале да посредуваат во смирување на тензиите меѓу Скопје и Софија

2 mins read

По средбата со Османи, претседавачот со Националниот комитет на партијата Граѓанско демократска унија (ГДУ), Ѓорѓи Трендафилов, изјави дека останува да се види дали нивниот апел ќе даде политички резултат. На средбата со министерот, како што истакна тој, не станало посебно збор за менување на имињата на двата бугарски клуба во земјава „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“, и покрај тоа што според одредбите на Законот за здруженија и фондации имињата на овие клубови треба да бидат сменети до утре, а во спротивно ќе бидат затворени

Претседателот на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, Љупчо Георгиевски, и претседавачот со Националниот комитет на партијата Граѓанско демократска унија (ГДУ), Ѓорѓи Трендафилов, денеска во улога на претставници на организации на бугарската заедница во земјава остварија средба со министерот за надворешни работи Бујар Османи во рамки на МНР.

Трендафилов и Георгиевски од Османи побарале заедно со него да се обидат да посредуваат во смирување на тензиите на релација Скопје-Софија, зашто според нив во ваква експлозивна атмосфера е невозможно да се носат квалитетни и рационални политички решенија.

Ова по средбата со шефот на дипломатијата за медиумите го изјави Ѓорѓи Трендафилов, кој вели дека останува да се види дали нивниот апел ќе даде политички резултат. Тој ја оцени за корисна средбата со Османи и кажа дека таа во голема мера била продолжение на разговорите кои на почетокот на месецов претставниците на Бугарите од земјава ги имаа со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

„Ние го известивме за средбата со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и со неколку политички групации застапени во Европскиот парламент кои ќе се обидат со нивните политички истомисленици и политички групации овде во Македонија да се обидат да помогнат да се смират тензиите на релација Скопје-Софија и во една порелаксирана состојба да почнат да се спроведуваат одредбите и од 2017 година и од т.н. француски предлог, за Македонија во периодот на октомври, кога треба да биде објавен извештајот за напредокот од Европската комисија, да може официјално да ги отпочне преговорите со ЕУ“,

изјави Трендафилов за медиумите по средбата со Османи.

Прашан дали смета оти Бугарите во земјава се сè уште стигматизирани и дискриминирани, и покрај тоа што последниот извештај од Советот на Европа го вели спротивното, Трендафилов истакна дека не се согласува со тоа.

„Јас сè уште не сум го видел извештајот од Советот на Европа. Колку што знам од медиумите, станува збор за тоа дека нема системска дискриминација. Мое право е да не се согласам со таа констатација, но тоа не е нешто што треба да биде топ-тема на нашата активност. Нашата активност ќе биде колку може повеќе да придонесеме да се релаксираат односите меѓу Скопје и Софија“,

нагласи претседавачот со Националниот комитет на партијата Граѓанско демократска унија (ГДУ), Ѓорѓи Трендафилов.

На средбата со Османи, како што истакна тој, не станало посебно збор за менување на имињата на двата бугарски клуба во земјава „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“, и покрај тоа што според одредбите на Законот за здруженија и фондации имињата на овие клубови треба да бидат сменети до утре, а во спротивно ќе бидат затворени. Законското решение предвидува сите форми на здружување кои се регистрирани согласно со Законот за здруженија и фондации, во рок од три месеци од стапување во сила на овој закон, да го усогласат своето име или назив, цели и дејности, согласно со одредбите од Законот.

По средбата со претставниците на бугарските организации во земјава со министерот Османи, од МНР во кусо соопштение информираа дека средбата поминала во позитивна атмосфера, а дека соговорниците размениле мислења за прашања што ја засегаат бугарската заедница во Северна Македонија, предизвиците со кои се соочуваат здруженијата, како и можностите за подиректна и поинтензивна соработка со државата.

„На средбата беше изразено задоволство од директниот пристап во размената на мислења, како и интенцијата за повторна средба и засилена динамика на комуникација, со цел подиректно вклучување на бугарската заедница и здруженијата кои нив ги претставуваат во рамките на редовната соработка на државата со граѓанскиот сектор“,

се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

ЕУ забрани продажба на дизел и бензиски коли од 2035

Следно

Доцнења и откажувања на летовите на „Луфтханза“ поради дефект на системот

Latest from Blog