Драган Пароски, познат како чичко Драги од Рекорд почина. Веста за неговата смрт на социјалните мрежи ја објави Тина, која вели дека со години му помагала, пред да замине во странство.
-Секое поминување покрај неговата тезга тој ни даваше ластичиња за коса во разни бои, а потоа и шнолички. Се љутеше кога му остававме пари. Годините си поминуваа тој остана сам на Рекорд, имаше денови кога трчав да видам дали му е добро… пред некоја година во најголемиот снег ми кажаа дека е на операција на Уво нос и грло, земав такси и го побарав… Право налетав на докторот кој го познавам и ми ја покажа собата на чичко Драги, тој па кога ме виде почна да плаче, почна да ми покажува со раце дека го оперирале и дека повеќе неможе да збори… Поминуваа годините со ливчиња се разбиравме, ми пишуваше што му треба… а потоа јас заминав во Германија. Во последно време му помагаа добрите луѓе, за кучињата, гулабите па и за него. Денес ми јавија дека починал. Не издржал човекот кој цел живот го помина на Рекорд, објавува Тина.
Чичко Драги на почетокот на февруари преку Фејсбук објави дека го чекаат две операции и побара помош од добрите луѓе. Веќе следниот ден се огласи со нова објава пишувајќи дека собрани се доволно средства за неговите операции и се заблагодари.
Вети дека од болница ќе излезе посилен и за скоро ќе се врати на тезгата на Рекорд.
Нека почива во мир.
Извор: kurir.mk


