Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, објави дека се воведуваат две нови авиолинии од Полска до Охрид – од Вроцлав и од Катовице, што ќе придонесе за зголемување на бројот на туристи и бизнис-посетители во Македонија.
Според Николоски, растот на македонските аеродроми од 31 отсто е најголем во регионот, а новите авиолинии се уште еден чекор кон подобра поврзаност на државата со европските пазари.
„Овие две нови линии ќе значат многу повеќе патници, многу повеќе туристи кои доаѓаат во Македонија, многу повеќе луѓе кои ќе доаѓаат да прават бизнис во Македонија и дополнителна отвореност кон светот“, истакна Николоски.
Тој информираше дека во завршна фаза е реконструкцијата и проширувањето на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид и дека за околу два месеца граѓаните ќе добијат целосно нов и модерен аеродром.
„Реконструкцијата и надградувањето на охридскиот аеродром е нешто што долго време му беше потребно на аеродромот и конечно се реализира“, нагласи Николоски.
Со новите линии и модернизацијата на аеродромската инфраструктура, се очекува дополнителен развој на туризмот и економската активност во Охридскиот регион.


