Европската интеграција на Македонија, реформскиот процес и чекорите што претстојат на патот кон полноправно членство во Европската Унија биле во фокусот на денешната работна средба на вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, со членови на Европскиот парламент.

Средбата се одржала во рамки на 25. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет Македонија – Европска Унија.
Николоски информираше дека на разговорите било разговарано за актуелните состојби и напредокот на земјата во исполнувањето на обврските поврзани со европскиот интегративен процес.
Посебен акцент, како што посочи, бил ставен на активностите што ги презема Владата за унапредување на реформите, зајакнување на институциите и создавање услови за забрзување на европската интеграција.

На средбата било истакнато и значењето на продолжувањето на реформите во клучните области поврзани со процесот на пристапување кон ЕУ.
Николоски порача дека европската перспектива останува стратешки приоритет за Македонија, со фокус на исполнување на обврските и продолжување на реформскиот процес.


