НЕКОЛКУМИНУТНИ ОВАЦИИ ПО ДОМАШНАТА ПРЕМИЕРА НА „ЈОН ВАРДАР ПРОТИВ ГАЛАКСИЈАТА“ , СЛЕДУВААТ ЧЕТИРИ ПРОЕКЦИИ НА ФЕСТИВАЛОТ ВО САО ПАУЛО

1 min read

По речиси една деценија правење, првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ конечно беше прикажан пред домашната публика. Тоа се случи на отворањето на деветтиот меѓународен филмски фестивал Киненова  во кино Фросина и реакцијата на присутните по завршувањето на премиерата беа неколкуминутни овации.

Во режија на Гоце Цветановски, приказната следи еден натпросечно потпросечен човек, еден нарцисоиден робот и многу вонземјани кои се во мисија да ја спасат галаксијата од самите себеси. Гласовите на главните ликови ги позајмуваат Жарко Димоски (Јон Вардар), Дамјан Цветановски (Зарк) и Емилија Мицевска (Лили), а во споредни улоги, но ништо помалку впечатливи се Филип Трајковиќ, Тони Денковски, Атанас Атанасовски, Слаѓана Вујошевиќ, Мартин Ѓоргоски, Елена Тарчуговска и Бојана Тосковска.

Арт директор е Михајло Димитриевски-Тхе Мичо, директор на анимација е Димитар Ѓоргиев, продуцент е Алан Кастиљо од „Линкс студио“, а копродуценти се Ева Конрад, браќа Калинови и Ладо Шкорин.

Одговарајќи на прашањето на еден од најмладите гледачи во салата, Гоце Цветановски откри како се родила идејата за филмот.

„Инспирацијата за филмот е брадата на Тхе Мичо, кој секој ден кога почнуваше да работи, за загревање црташе еден вонземјанин. Јас секој ден уживав во нив и си велев ‘што убаво ќе беше ова да го претвориме во филм‘. И така почна“, кажа Цветановски, појаснувајќи дека роботот Зарк зборува со дијалектот од демирхисарското село Слоештица.

Веднаш по премиерата, Цветановски замина за Бразил, каде што „Јон Вардар“ ќе има четири проекции во две категории на Меѓународниот филмски фестивал во Сао Пауло, кој почнува на 20 октомври.

„Пред неколку дена ‘Јон Вардар‘ имаше светска премиера во Ситџес, но денеска беше многу, многу поубаво. Би сакал да се заблагодарам на целата екипа, тука сме само мал дел. Се гледа дека ова беше многу сериозен проект. ‘Јон Вардар‘ го родивме сите ние заедно, тој е колективно дете, сега ќе лета низ светот, па се надеваме и пошироко“, се пошегува Цветановски.

Анимираниот филм е изработен со поддршка од Агенцијата за филм, со копродукции од Унгарија, Бугарија и Хрватска.

Г. КОНЕВ

ИЗВОР: sdk.mk

Претходно

Ем сме сиромашни, ем фрламе храна

Следно

Таткото на Вања и негов пријател постојано барале средба со полицијата за да дознаат информации

Latest from Blog

„Велибор Манев ни кажа дека тие се виновни за убиството на Вања, ни покажа каде е закопан Панче и дека во него пукал Палчо“, сведочеше денеска поранешниот началник на СВР Велес

На денешното рочиште за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски, сведочеше поранешниот началник на