Европската комисија истражува сајбер напад врз нејзините веб-страници, а првичните наоди укажуваат дека некои податоци можеби се украдени, објави денес ЕК.
Извршното тело на ЕУ изјави дека нападот е откриен во вторник и дека веднаш презело итни мерки за да го сузбие, објавува бриселскиот портал Политико.
Нападот ја погодил инфраструктурата за cloud computing што ЕК ја користи за управување со платформата Europa.eu, која ги хостира веб-страниците на Европската комисија, Европскиот парламент, Советот на ЕУ и другите институции на ЕУ.
Инцидентот е ставен под контрола, соопшти комисијата, но раните резултати од истрагата сугерираат дека некои податоци од тие страници можеби се земени.
Нејзините внатрешни системи не беа засегнати, се наведува во соопштението.
Не е објавено кој стои зад нападот.
Европските влади и компании се сè повеќе мета на хакерски групи, и криминални и спонзорирани од државата.
Агенцијата за сајбер безбедност на ЕУ, ENISA, неодамна предупреди дека Европа значително губи во сајбер безбедноста.
ЕК додаде дека е во процес на контактирање со институциите на ЕУ кои би можеле да бидат засегнати и дека ќе продолжи да ја следи ситуацијата, а подоцна и да ги анализира настаните за да ја зајакне својата сајбер заштита во иднина.
Во 2024 година, Европскиот парламент доживеа голем безбедносен инцидент по хакирањето на неговиот систем за човечки ресурси.
Телото наречено CERT-EU, кое е дел од ИТ одделот на ЕК, е одговорно за сајбер безбедноста на институциите на ЕУ.
Извор: vecer.mk


