Херцог го нарече десничарскиот либертаријански лидер „близок пријател на Израел“.
Милеј, исто така, запали свечен факел во рамките на одбележувањето на 78-годишнината од основањето на Државата Израел на 14 мај 1948 година. Прославите започнуваат во вторник навечер, согласно еврејскиот календар.
На синоќешната средба, Милеј и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху потпишаа неколку стратешки договори и најавија воспоставување директна авионска линија меѓу Тел Авив и Буенос Аирес.
Милеј, кој по третпат во две години престојува во Израел, изјави дека е посветен на продлабочување на односите на Израел со другите држави од Латинска Америка. Тој повторно ја потврди намерата во иднина да ја премести аргентинската амбасада во Ерусалим. Преместувањето на амбасадите во Ерусалим е меѓународно контроверзно прашање бидејќи може да се толкува како признавање на анексијата на Источен Ерусалим од страна на Израел, кој Палестинците го сметаат за главен град на својата идна независна држава.
Израел го зазеде источниот дел од градот во Шестдневната војна во 1967 година и го смета целиот Ерусалим за своја престолнина. САД ја преместија својата амбасада во Ерусалим во 2018 година, за време на првиот мандат на претседателот Доналд Трамп, а потоа тој пример го следеа уште неколку други држави. Аргентинскиот претседател јасно застана на страната на Израел и на САД во конфликтот со Иран, велејќи дека станува збор за „браќа во болка“ поради заедничките искуства со терористички напади.
Извор: vecer.mk

