Мешко, глумците не умираат, немаат години, тие на своите матични сцени остануваат долго по нивното физичко заминување, рече Драган Спасов Дац на комеморацијата за Димче Мешковски

4 mins read

Ведар дух, мајстор актер, неверојатен тип за имрповизации, критички расположен, но многу инспиративен, со неверојатен комичен израз, лик кој на Драмски му носеше билет повеќе, грижлив татко и дедо, вљубен во сопругата Марица. Сето тоа беше актерот Димче Мешковски, кој почина на 20 март годинава, во Лос Анџелес, САД, кому денеска Драмски театар Скопје, неговата матична куќа му организираше комеморација.

Доајенот на македонското глумиште Мешковски беше вработен во Драмски театар Скопје од 1967 година до неговото пензионирање во 2002 година.

Иимав среќа и задоволство да се вработам во Драмски во 1967 и на работа ме примија Мешко и Дади (н.з. Владимир Ангеловски), кои беа во комисија. Иако помлади од мене, веќе беа вработени во Драмскиот театар и ете можеби заради братовска врска бев примен, рече денеска на комеморацијата режисерот и актер Коле Ангеловски.

Ангеловски зборуваше за дружбата со Мешко која траела 40 години.

Секојдневно се дружевме на проби, на претстави, кабаре, снимања. Со него поминав повеќе време отколку со сопствената фамилија. Работевме претстави, филмови и телевизиски серии. Со него имаше толку импровзиации и толку непредвидени ситуцаии. Во ‘Болва в уво’ јас имав една реплика, но толку импровизиравме што никогаш не се знаеше коолку ќе трае претставата и како ќе заврши. Во претставата ‘Солунски патрдии’, Мешко и Дади, секогаш седев позади сцената и само гледав и следев што ли сега ќе смислат, што ќе кажат. Беше задоволство да се слуша. За Мешко се сеќавам само на убави работи, на прекрасна дрѕжба. Се надевам дека горе играат бриџ со брат ми Дади, Мичо Егегеецот и Мац“, рече Ангеловски.

Актерот Драган Спасов Дац во својот говор кажа дека кога ќе замине некој близок никогаш не може да срочи некоја реченица за неговото испраќање. А заминале и блиски и подалечни…

Мешко, глумците не умираат, глумците немаат години и глумците на своите матични сцени остануваат долго, долго по нивното физичко заминување. Зад глумците остануваат нивните претстави, нивните филмови, тв драми, нивните штосови, анегдоти, нивните загрижени и насмеани лица. Е таков те памтам, насмеан полн со дух, живот, енергија. Иако ги имаше сите болести на светот ти беше поздрав од сите и не се предаваше. Помнам еднаш кога го праша Мичо Егеец кој беше јак и здрав како бик: Мичо! ти си бил од нешто болен? Мичо збунет те праша: Како мислиш болен, сум имал грип некогаш. А јас тогаш те прашав тебе: Мешко а ти, има нешто од што не си бил болен…, кажа Дац.

Дац раскажа дека секојдневно се слушале откако Мешко заминал во САД и дека најмногу го интересирае случувањата во театарот. Разговорите траеле со часови, навистина бевме како татко и син, рече Дац.

Ти беше вљубен во твојата Марица како првиот ден кога си ја сретнал, таа беше твојата убавица, поткрепа и ветер во крилјата. Ми велеше: Ако ме остави Марица одма ќе умрам. Посебно беше горд на Наташа и нејзините успеси а и на Јасна која тргна по твоите стапки ама далеку од овде. Отиде да ги вратиш заедно со твојата сакана внука Леона, ама ти остана таму, таму во туѓината. И знаеш што, мислам дека тоа прилега на твојот немирен дух.
И не знам зошто велат да се почива во мир, јас мислам дека и таму треба да се продолжи со исто темпо, онака како што човекот живеел на земјата. Каков мир ти се молам ти не беше мирен човек, кажа Дац.

Јасна и Наташа, ќерките на Мешковски, преку писмено обраќање ги споделија своите спомени за Димче, растењето во Драмски и за она што тој ги учел во животот. Велат дека детството им било магично, обвиено и зачинето со фантазијата на театарот.

Навистина е привилегија што сме деца на Мешко и затоа сме благодарни што токму тој е нашиот родител и секако, сопруг на Марица. Да се расте, да се созрева и да се живее со таков човек е вистински благослов. Како современ и либерален човек, Димче нé воспитуваше во духот на космополитизмот и истовремено не учеше како да се сака и почитува својот народ и сопствената земја. Тој нé поддржуваше буквално во сé. 

Оти Мешко беше таков, со него секогаш знаеш на што си. Директен и објективен, човек кој оди по земја. Секогаш добро информиран за актуелните случувања кај нас и во светот, имаше познавање од нашата и светската историја и литература, пратеше политика, геополитика, уметност, спорт, култура. Човек со табиет да дебатира, на разни теми, жива енциклопедија, елоквентен, речит, со висока интелигенција.

Со љубов кон луѓето, посебно ги сакаше своите колеги – актери. До вчера го спомнуваше Драмски, постојано го сонуваше театарот и беше вистински вљубеник во својата актерска професија. Секогаш расположен за дружба и за песна, носеше во себе некоја посебна, моќна ментална енергија, напишаа неговите ќерки.

Наташа е поранешна македонска пливачка шампионка, олимпијка, сега професор на Факултетот за физичка култура, Јасна е актерка во САД.

В. д. директорката Маја Вељковиќ-Пановска рече дека заминува уште еден од оние кои го создадоа брендот Драмски театар.

Театар препознатлив по својата авангардност, по своите претстави за кои се бараше карта повеќе, театар понекогаш бунтовен и критичен, театар на комедии кои опстојуваа со години, па и децении. Во сето тоа Димче Мешковски. Сите овие синоними важат и за Мешко. Бунтовен, критички расположен, но многу инспиративен, со неверојатен комичен израз, лик кој на Драмски му носеше билет повеќе. Всушност, Мешко беше испреплетен со Драмски, рече Вељковиќ-Пановска.

Во творечката биографија на Мешковски се забележани над 100 одиграни улоги со над 6.000 изведби. Широкиот дијапазон и талент на Мешковски го позиционираше како актер што дал немерлив придонес играјќи повеќе театарски жанрови. Од драмскиот опус ги издвојуваме ролјите во претставите: „Смртта на Дантон“, „Балконот“, „Вишновата градина“, „Јане Задрогаз“, „Чернодрински се враќа дома“, „Зојкиниот стан“, „Калигула“, „Ревизор“, „Диво Месо“…).

Наклонетоста кон комедијата му донесе голема популарност преку толкување на ликовите во претставите: „Сомнително лице“, „Солунски патрдии“, „Викенд на мртовци“, „Болва во уво“, „Маратонците го трчаат почесниот круг“. За улогата на Тасе во „Викенд на мртовци“, Димче Мешковски ја доби „Наградата за актерско остварување“ на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Добитник е и на „Наградата за животно дело“ што ја доделува овој наш реномиран театарски фестивал.

Бесценет е ангажманот од неколку стотици ролји во радио-драми, забавните и хумористични емисии меѓу кои „Хихирику“ на Иван Карадак, како и телевизиските серии и емисиите за деца: „Да видам, да видам што да бидам“, „Тринаесеттиот клуч“, „Семафорот“, „Бајки“, „Училиште за кловнови“, „Големи и мали“, „Наши години“, „Пат кон иднината“, „Илинден“, „Смилевски конгрес“, „Прличев“. Мешковски снимил и голем број народни приказни од овој популарен телевизиски формат.

Димче Мешковски има огромен придонес во развојот на македонската уметност на нахсинхронизација. Стана миленик на детската публика како неповторлив интерпретатор на детските јунаци Попај, Штрумфови, Нинџа желки и многу други.

Димче Мешковски е добитник на „Наградата за животно дело“ што ја доделува реномираниот Македонски театарски фестивал Војдан Чернодрински во Прилеп.

 

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ИЗВОР: republika.mk

Претходно

ПОЛИЦАЈЦИТЕ МУ ГО ВЛЕЧЕА ДРЕСОТ, ПА МОРАШЕ ДА РЕАГИРА: Перуанскиот голман уапсен по тепачка со шпанската полиција (ВИДЕО)

Следно

Норвешка не може да постигне со гранати за топови заради Тикток

Latest from Blog