Општина Чаир започна интензивна акција за чистење на јавните површини во пресрет на празникот Рамазан Бајрам. Акцијата се одвива во текот на ноќта, со цел општината да биде чиста и уредена кога граѓаните ќе го дочекаат празникот.
Градоначалникот на општината, Изет Меџити, лично присуствувал на почетокот на активностите и истакнал дека локалната власт секојдневно работи на одржување на чистотата, но во пресрет на празниците ангажманот се засилува.
Во рамки на акцијата се врши целосно чистење на улиците, парковите, тротоарите и просторот околу контејнерите, со цел секој дел од општината да биде уреден и подготвен за празничните денови.
„Рамазан Бајрам е празник кој нè обединува и нè потсетува на најдобрите вредности како општество. Наша одговорност е граѓаните да го дочекаат овој ден во чиста и достоинствена средина“, истакнал Меџити.
Акцијата се реализира во соработка со јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“, како и со доброволното противпожарно друштво „Бајрам Мифтари“. Во неа се вклучени и сезонски работници, како и механизација за миење и чистење на улиците.
Целта на оваа иницијатива е Чаир да ги пречека празничните денови во чиста и уредена атмосфера, достојна за значењето на Рамазан Бајрам.


