Манчестер јунајтед би можел да има бурен јануарски преоден рок, особено во нападот. Неизвесноста околу здравствената состојба на Бењамин Шешко дополнително ги натера челниците на клубот да размислуваат за засилување во офанзивната линија.
Словенечкиот репрезентативец не беше во составот за гостувањето кај Фулам, кое заврши 1-1, а засега нема точна проценка колку долго ќе отсуствува од терените.
Менаџерот Мајкл Керик по натпреварот откри дека ниту во клубот сè уште немаат целосна информација за ситуацијата со Шешко.
„Сè уште не сме сигурни што се случува со Бен. Почувствувал болка по натпреварот против Брајтон и во моментов ги правиме потребните прегледи. Дефинитивно не беше подготвен за Фулам, а во овој момент немам дополнителни информации“, изјави Керик.
Токму поради неизвесноста околу Шешко, но и поради плановите за вториот дел од сезоната, на „Олд Трафорд“ повторно сериозно се разгледува името на напаѓач кој со години е на радарот на клубот.
Станува збор за Серху Гираси од Борусија Дортмунд. Според информациите, Манчестер јунајтед одамна го следи репрезентативецот на Гвинеја, уште од 2023 година.
Црвените ѓаволи имаа интерес за Гираси и пред неговиот трансфер од Штутгарт, но тогаш не успеаја да постигнат договор. Јунајтед подоцна се насочи кон Расмус Хојлунд, кој не ги исполни очекувањата на „Олд Трафорд“, а Данецот во меѓувреме замина во Наполи.
Гираси, пак, во меѓувреме се етаблираше како еден од најдобрите голгетери во Бундеслигата. Минатата сезона постигна 22 гола за Борусија Дортмунд, додека на стартот од актуелната сезона веќе има четири погодоци и две асистенции на четири првенствени натпревари.
Интересот за него не доаѓа само од Манчестер јунајтед. Во текот на летото ситуацијата ја следеа и Челзи, Тотенхем и актуелниот шампион на Англија, Арсенал.
Сепак, Борусија Дортмунд нема намера лесно да се откаже од еден од своите најважни играчи, особено во средината на сезоната. Германскиот клуб сака да се вклучи во сериозна борба за шампионската титула, а продажба на Гираси во јануари би можела значително да ги наруши тие планови.
Договорот на напаѓачот со Дортмунд е со важност до 2028 година, па германскиот гигант има време да одлучи за неговата иднина. Сепак, доколку Манчестер јунајтед понуди сума што не се одбива, можеби и трансферот ќе се реализира.
Извор: sportmanija.mk

