Ковачевски му врати на бугарскиот претседател: Наследниците на Гоце Делчев ќе ги вметнат сонародниците и наследниците на Радев во македонскиот Устав

2 mins read

Тој нагласи дека уставните измени се дел од Преговарачката рамка со Европската Унија „бидејќи ние преговараме со ЕУ, не со Бугарија“

Откако вчера премиерот Димитар Ковачевски на Самитот на Советот на Европа во Рејкјавик, Исланд јавно го спореди односот на Бугарија кон Македонија со односот на Русија кон Украина, денеска тој повторно излезе со остра порака, овој пат насочена кон бугарскиот претседател Румен Радев.

Одговарајќи на новинарско прашање како го коментира ставот на Радев дека Северна Македонија може да каже дека гради модерно општество кога ќе ги впише сонародниците на Гоце Делчев во Уставот, Ковачевски му порача:

„Откако работната група за уставни измени ќе ги направи амандманите, значи дека наследниците на Гоце Делчев ќе ги вметнат сонародниците и наследниците на Радев во македонскиот Устав“.

Тој нагласи дека уставните измени се дел од Преговарачката рамка со Европската Унија „бидејќи ние преговараме со ЕУ, не со Бугарија“.

„И затоа сметам дека тоа е нешто што ќе тече како процес и е нешто што треба да се случи со оглед на тоа дека државата треба да стане членка на Европската Унија, бидејќи граѓаните го заслужуваат тоа“,

беше дециден Ковачевски.

Претседателот на Бугарија денеска во изјава за БГНЕС порача дека „раководството на РСМ може да претендира дека гради модерно мултиетничко општество кога ќе смогне сили да ги запише сонародниците на Гоце Делчев во својот Устав“.

Тој истакнува дека составен дел од Преговарачката рамка на С Македонија со ЕУ е и протоколот потпишан меѓу Скопје и Софија во рамките на кој тој не гледа напредок.

Реториката меѓу официјална Софија и официјално Скопје деновиве добива на интензитет.

Вчера, премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање на генералната дебата „Обединети за Европа“ на Самитот на Советот на Европа во Рејкјавик, Исланд заклучи дека „дискурсот што се користи од страна на Бугарија кон Северна Македонија, за жал, е многу сличен на дискурсот што Руската Федерација го користи кон Украина“.

Ова беше одговорот на шефот на македонската Влада на обвинувањата кон земјава што на Самитот ги изнел претставникот на Бугарија, кои Ковачевски ги оцени како целосно неосновани и рече дека доаѓаат од земја која не ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Бугарија на Самитот во Рејкјавик ја претставуваше потпретседателката на земјата, Илијана Јотова. Таа, како што пренесоа бугарските медиуми, претходно на тркалезната маса во рамките на Самитот, ги запознала учесниците со „систематското газење на правата на Бугарите во Република Северна Македонија“.

(ВИДЕО) Ковачевски од Рејкјавик: Дискурсот на Бугарија кон С Македонија е сличен со оној на Русија кон Украина  

За билатералниот спор со Бугарија, како пречка во интеграциите на Северна Македонија кон ЕУ, вчера говореше и претседателот на државата, Стево Пендаровски, на лидерскиот состанок „Руската агресија врз Украина: Нов моментум за проширувањето на EУ?“ организиран од Белградскиот центар за безбедносна политика.

Тој изјави дека пред две и пол години Бугарија почнала да изнесува барања кои немаат никаква допирна точка со ЕУ-критериумите.

„Започнаа да зборуваат за македонскиот етнички идентитет, дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот, дека во периодот од 1941 до 1944 тие биле администратори, а не окупатори и сето тоа беше во писмена форма дисеминирано до сите амбасадори. Таков тип на историски ревизионизам е апсолутно недозволив во секоја сериозна дискусија“,

рече претседателот Пендаровски додавајќи дека таков дијалог не прилега од страна на земја членка на ЕУ.

Пендаровски: Бугарија прави историски ревизионизам кој е апсолутно недозволив

Новиот бран на ескалација во односите меѓу Скопје и Софија го поттикна случајот со бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, кому на 6 мај не му беше дозволен влез во земјава бидејќи, според објаснувањето на македонските власти, патувал во група со уште четири лица, од кои за дел Министерството за внатрешни работи имало сознанија дека претставуваат ризик за јавниот ред и безбедност.

ИЗВОР: 360stepeni.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Претходно

Индија ќе работи на колонијално освестување на Британија преку враќање на украденото богатство

Следно

Алтун: Неприфатлив е молкот за приведувањето на турските новинари во Германија

Latest from Blog