Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, заедно со претседателот на Советот, Бојан Бојкоски, присуствуваше на ребрендирањето на Атлетскиот клуб „Олимп“, настан кој беше оценет како историски момент за битолската и македонската атлетика.

АК „Олимп“ официјално влезе во нова ера откако потпиша договори со 15 македонски репрезентативци, со што клубот јасно се наметнува како водечка сила во атлетскиот спорт во земјата и ја позиционира Битола како центар на македонската атлетика.
Коњановски истакна дека со овој чекор сонот за Битола како спортски град веќе станува реалност, нагласувајќи дека тој и претседателот на Советот даваат безрезервна поддршка за новиот почеток на клубот.

„Битола знае да препознае кога нешто е сериозно. Денес гледаме сериозен клуб, сериозна визија и сериозен тим. Проектот за изградба на тартан патека на градскиот стадион е одобрен и процесот веќе започнува. Ова не е најава, туку конкретна реализација“, изјави Коњановски, додавајќи дека со тоа градот испраќа силна порака за поддршка на спортот, резултатите и младите таленти.
Претседателот на Советот, Бојан Бојкоски, порача дека атлетичарите ќе бидат континуирано следени, поддржувани и мотивирани, со цел создавање стабилни услови за врвни резултати.
Претседателот на АК „Олимп“, Никола Димитровски, го претстави проектот за развој кој, како што истакна, ќе ја промени иднината на клубот, а за тренер на новата генерација атлетичари е назначен Димитар Петровски.
Атлетскиот клуб „Олимп“ е основан во 1960 година и важи за еден од најстарите и најтрофејни атлетски клубови во Македонија.


