Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, информира дека со забрзана динамика продолжува реализацијата на проектите за изградба и реконструкција на спортски игралишта во основните училишта во градот.
При увидот во Основното училиште „Гоце Делчев“, Коњановски посочи дека во тек е асфалтирањето на спортските терени, каде вкупната површина под асфалт изнесува 2.700 квадратни метри. Во рамки на проектот се градат две повеќенаменски игралишта – едното наменето за мал фудбал и ракомет, а другото за кошарка.
Терените ќе бидат со современа тартан подлога, ќе бидат оградени и осветлени, а ќе се постават и спортски реквизити и урбана опрема, со што учениците ќе добијат современи услови за спорт и рекреација.
Вредноста на инвестицијата изнесува 14.280.422 денари.
Коњановски изврши увид и во работите во Основното училиште „Даме Груев“, каде деновиве беше завршено асфалтирањето на терените. Активностите таму продолжуваат со уредување на спортските игралишта и околниот простор до нивното целосно завршување.
Според градоначалникот, инвестициите во училишната спортска инфраструктура се дел од заложбите на Општина Битола за создавање поквалитетни услови за учениците и поттикнување на спортските активности кај младите.

