Денеска градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, оствари средба со министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, која е во посета на општината.

На средбата се дискутираше за енергетската иднина на Битола, новиот Закон за енергетика кој опфаќа широк спектар од одговорности за државата и општините, како и за можностите за имплементација на мерки за енергетска ефикасност во јавните институции. Беше потенцирана и важноста од вклучување на индивидуалните објекти во процесот за подобрување на енергетската ефикасност.
Дел од регулативите се вклучени и во Општинскиот енергетски план за 2026 година, кој ќе биде разгледан на наредната седница на Советот на Општина Битола.

По средбата, Коњановски и Божиновска, заедно со Фатих Туркменоглу од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), присуствуваа на финалниот настан на програмата „Вештини на иднината“, насочена кон унапредување на знаењата и вештините на вработените во АД ЕСМ. Настанот се одржа на Факултетот за информатички и комуникациски технологии во Битола.
Градоначалникот Коњановски истакна дека Битола ќе продолжи да работи на проекти кои ќе ја зголемат енергетската ефикасност и ќе го зацврстат статусот на град со модерни технологии и иновации.


