Триесет средношколци од Битола развија проектни предлози за решавање проблеми во својата заедница, во рамките на проектот ЛАПСИ – Локални активни платформи за социјални иновации. На денешната работилница тие ги финализираа идеите и се подготвуваа за нивно претставување пред општинска комисија.
На учесниците им се обратија градоначалникот Тони Коњановски и претседателот на Советот, Бојан Бојкоски, кои ја нагласија важноста младите да имаат активна улога во креирањето на локалните политики.
Коњановски истакна дека енергијата, креативноста и размислувањата на младите се значаен придонес за развојот на Битола.
„Младите се иднината, но и сегашноста на нашата општина. Нивната енергија, креативност и нови идеи се од исклучително значење за создавање подобра средина за сите нас“, рече градоначалникот.
Тој порача дека слушањето на младинскиот глас треба да биде придружено со вистинска можност за учество во подготовката на решенијата.
Низ досегашните работилници, средношколците ги препознавале и мапирале локалните проблеми, а потоа ги преточиле во конкретни проектни предлози. Најуспешните ќе бидат претставени на претстојниот Национален форум на ЛАПСИ.
Бојкоски најави дека предложените идеи ќе бидат разгледани во рамките на соодветните општински програми, со цел дел од нив да добијат можност за реализација.
„Нашата цел е младите да не бидат само предлагачи на идеи, туку активни учесници во создавањето на иднината на Битола“, истакна претседателот на Советот.
Проектот го спроведува Институтот за економски стратегии и меѓународни односи – Охрид, во рамките на програмата BOOST, координирана од ALDA. Финансиската поддршка ја обезбедува Француската агенција за развој, а активностите се реализираат во соработка со Општина Битола.

