Комисија за култура на ВМРО-ДПМНЕ: „Јубилеј 100 години Археолошки музеј“ е непостоечкиот јубилеј

2 mins read

Со цел наменско трошење на и онака тенкиот буџет во културата, во знак на искрена поддршка на заложбите на министерката д-р Бисера Костадиновска-Стојчевска за „економична“ и „балансирана“ распределба, Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ му укажува на Министерството за „култура“ дека треба да бидат повлечени 400 000 денари за одбележување на т.н. „Јубилеј 100 години Археолошки музеј“ поради непостоечкиот јубилеј, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение го пренесуваме нивното соопштение:

Не е на одмет да ви дадеме уште неколку од бројните бесплатни поуки.

Археолошкиот музеј на Македонија како посебен правен субјект во 2023 година ќе одбележи јубилеј од скромни 11 години постоење, и тоа благодарение на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, која во 2012 година реализираше еден ваков огромен подвиг. Гарнитурата на СДС(М), денес ставена во сервилна улога како подизведувач на агендите на нивните газди од ДУИ, како и отаде границата на исток, Бугарија, се познати по неоснованата храброст да прекројуваат и ревидираат историски факти. Преку т.н. историски комисии навикнати се да лажираат избори, анкети, скрининзи и европски преговори, а овојпат преку нивните неспособни менаџери во културата продолжија со замена на тези, одобрувајќи речиси половина милион денари за настан кој ќе биде прославен како јубилеј кој не соодвестува со историските факти.

Како појаснување за јавноста да знае, а и да ја потсетиме научната фела и „стручната комисија“ која ги додели средствата:

1) во 1920 година е основана археолошка збирка која функционира во рамките на Филозофскиот факултет; 2) истата збирка 1924 година започнува да функционира како Историско-археолошки музеј со лапидариум (Музеј на Вардарска Бановина/Музеј на Јужна Србија) во Куршумли ан; 3) за време на II светска војна го добива името Народен музеј, сместен исто така во Куршумли ан; 4) во 1949 год. го добива името Археолошки музеј на Македонија, сместен во зградата на касарната на Скопското Кале, каде по Скопскот земјотрес не постои; 5) во 1976 год. е пуштена во употреба градбата Музеј на Македонија, каде што во 1982 година археологијата почнува да функционира како оддел.

Штом не знаете да ви појасниме! Во 2012 год. за првпат во историјата е основан нов правен субјект, НУ Археолошки музеј на Македонија – Скопје, како нова матична установа од областа на археологијата, чие име го сменивте преку ноќ за никој да не ве види, кој во 2014 година, за првпат доби негов простор во самиот центар на Скопје, повторно благодарение на Владата на ВМРО-ДПМНЕ.

Тогаш, за каков јубилеј 100 години Археолошки музеј станува збор? Како сте тргнале, кутриот, нема да почека ни полнолетство, а истите вие го уништувате и однадвор и однатре. Археолошкиот музеј на Македонија наместо паметник за милениусмкото цивилизациско постоење на Македонија, Владата на ДУИ и СДС(М) целосно и во континуитет го запустува, го запоставува, го цензурира, а вие се фотографирате само меѓу празните витрини.

Колку за споредба и заради бележење на институционалната меморија, кога истиот музеј во 2019 година одбележуваше т.н. јубилеј 95 години Археолошки музеј, во ретроспективниот видеозапис беше изземен посебниот правен субјект Археолошки музеј на Македонија, регистриран 2012, а отворен 2014 година, од втората директорка по ред во режимот на СДС(М), д-р Славица Бабамова. Истовремено, „100-годишниот јубилеј“ годинава би се одбележал со отстранетата постојана нумизматичка збирка од вашиот прв режимски директор, Горан Санев, на чие место ќе гостува изложбата од Бугарија под наслов „Сребрена Тракија“.

И ако 1 април 1924 година е датумот на втемелувањето на музејската дејност во Македонија, како што стои на веб-страница од Археолошкиот музеј на Македонија, јубилејот е 2024, а не 2023 година. Исто така, во официјална информација не е наведено постоењето на музејот од 2014 година. Ако веќе се одбележува јубилеј, треба да се одбележува 100 години археолошки инситуционален истражувачки континуитет во Македонија, а редно би било да го признаете историскиот успех и востановувањето на посебниот правен субјект специјализиран за археологијата од 2012 година – Археолошкиот музеј на Македонија. Патем, во јубилејот никаде не стои именката – Македонија, а клучното нагласување на 100-те години, всушност, е потиснување на успехот на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, имајќи предвид дека во нејзинот мандат за првпат се изгради и се отвори самостоен Археолошки музеј на Македонија!

Годинава СДС(М) може да слави само: 9 години Археолошки музеј на Македонија и 2 години од нивниот Археолошки музеј на „Република Северна Македонија“ со нивните заслуги: 1) растурање на постојаната поставка и 2) внесување на додавката „северна“.

Колку завидливост кон бисерот на македонската археологија! Но празни души, празен музеј.

ИЗВОР: kurir.mk

Претходно

(ВИДЕО) По вечерашните земјотреси во Турција новинарка се расплака во јавување во живо: Се тресеше неверојатно силно

Следно

„Под урнатините има затрупани лица“: Најмалку осум повредени по новиот земјотрес во Турција

Latest from Blog