Шпанија е подготвена за најголемиот предизвик на Светското првенство, полуфиналниот дуел со Франција, а најголемиот адут на „црвената фурија“ ќе биде Ламин Јамал.
Дуелот меѓу Франција и Шпанија (денеска, 21:00 часот) ќе донесе судир на две фудбалски филозофии – француска брзина и индивидуален квалитет со шпанска контрола на играта и техничка доминација.
Во центарот на вниманието ќе биде судирот на новата генерација предводена од Јамал од една страна и тимот околу Килијан Мбапе од друга страна.
Иако сè уште не покажал сè што се очекува од него на турнирот во Северна Америка, Јамал верува дека Шпанија е тимот што може да го запре големиот ривал.
„Од почетокот на турнирот, многумина сакаа да го видат овој натпревар. За мене, ова се двете најдобри екипи на Светското првенство. Не се плашиме. Ако некој може да ја победи Франција, тоа сме ние“, рече Јамал.
Додека 18-годишниот фудбалер носи доза на непредвидливост и индивидуален квалитет, Родри игра клучна улога во средниот ред на Шпанија.
Искусниот играч од средниот ред е столб на тимот на Луис де ла Фуенте, а на ова Светско првенство тој е играчот со најуспешни додавања.
Родри е свесен за квалитетот на следниот противник, но верува во силата на својата репрезентација.
„Франција веројатно ќе биде нашиот најтежок тест. Многу сме мотивирани и решени да победиме. Мора да играме според нашите силни страни. Франција е одличен тим, но и ние сме“, рече шпанскиот играч од средниот ред.
Извор: vecer.mk

